Балкан

Курти планира два косовски тима за дијалогот со Србија

Вршителот на должноста премиер на Косово Албин Курти изјави дека, заедно со неговите советници, работи на изготвување план за дијалогот со Србија, за кој, како што вели, ќе му бидат потребни два тима, јави дописникот на МИА од Приштина.

За време на неговата посета денеска во Призрен, Курти изјави дека едниот тим, кој што ќе го предводи тој, ќе биде политички, додека другиот ќе го сочинуваат експерти од разни области.

– Првиот политички претставнички тим, составен од премиерот, претседателот, собраниската спикерка и по еден член од седумте (парламентарни) политички партии, значи ќе биде десетчлен тим. На другата страна ќе имаме тим на експерти од разни области. Моментално работам на формирање еден таков тим, изјави Курти.

Вториот тим, додаде тој, зависи од него самиот, додека првиот од спремноста на другите да учествуваат во него.

Курти вчера го информира новоименуваниот посредник на Европската унија за дијалогот Приштина – Белград, словачкиот дипломат Мирослав Лајчак дека Уставот на Косово го обврзува него, како претседател на Владата, да го формира и да го раководи преговарачкиот тим.

Во тој тим, како што наведе во преписката со Лајчак, Курти планира да ги вклучи претседателот на државата Хашим Тачи и претседателката на Собранието Вјоса Османи, како и претставници на косовските политички партии.