February 2, 2023 02:13
Балкан

Курти за инцидентите со бомбите на северот од Косово го прозва Вучиќ

Косовскиот премиер Албин Курти одлучи да го зголеми присуството на полицијата на северот на Косово. Вчера најмалку два инцидента се случија во Зубин Поток и Северна Митровица кога општинските изборни комисии (ОИК) се обидоа да влезат во просториите на народниот правобранител на север, придружувани од косовската полиција.

Инцидентот кај Зубин Поток заврши мирно со интервенција на полицијата, додека, според официјални извори, во просториите на ОИК биле фрлени две експлозивни направи, од кои едната експлодирала. Втората беше отстранета синоќа.

-Криминалните банди ги интензивираа нападите на северот на Косово. Тие знаат дека крајот е близу. Владата на Косово ниту се пазари со нив, ниту ги толерира. Поради овие злосторства и вооружени напади северно од Ибар, ќе имаме повеќе косовска полиција. Затоа што ќе има истраги и гонење на овие криминалци платени од Србија, а во режија на нивниот претседател. Нема да се простат прекршувањата на законите, а тенденциите за криминална дестабилизација ќе пропаднат, изјави Курти.

Приштина и Белград меѓусебно се обвинуваат за вчерашните инциденти. Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, изјави дека специјалците на Курти упаднале во просториите на ОИК и „уништиле сè и искршиле во обид да ги инсталираат своите изборни комисии“.

-Во четирите општини на северот од земјата, поделбата не е меѓу Срби и Албанци, туку меѓу криминални банди и граѓани. Ги молам сите граѓани на Косово да ја поддржат државата и косовската полиција, сите наши функционери кои ја бранат уставноста и законитост, републиката и демократијата, изјави Курти.