August 8, 2022 17:38
Македонија

Кумановци повторно реагираат на непријатен мирис, локалните и државните власти информирани

Кумановци повторно се жалат дека продорен, непријатен мирис на запалена гума се шири во доцните вечерни и раните утрински часови, надлежните од општината на денешната прес-конференција велат дека е извршен увид и е востановено дека мирисот доажа од фабрика од Прешево, Србија.

Непријатниот мирис на запалена пластика и гума најчесто се чувствува во одредени периоди од денот, околу од 02 до 03 часот по полноќ или од пет до шест часот наутро. Овластениот инспектор за животна средина, од секторот за инспекциски надзор, Бобан Бојковски рече дека заедно со државниот инспектор за животна средина извршиле увид во асфалтните бази, во инсталацијата во село Костурник која во ој период не работела.

– Според сознанијата од сограѓаните и вработените на граничниот премин Табановце дека непријатната миризба доаѓа од соседна Србија, отидовме направивме разговор и сами се уверивме. Наши сограѓани ни доставија и снимки кои доаѓаа од Србија конкретно од инсталацијата така што ние како општинска инспекција го известивме државниот инспекторат тие да преземат понатамошни надлежности со закон за меѓугранично загадување, изјави Бојковски.

Претседателката на советот на општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска вели дека локалната власт на Куманово контактирала со локалните власти од Прешево кои кажале дека се соочуваат со истиот проблем.

– Рекоа дека имаат ист проблем, но дека не можат на локално ниво да го средат. Контактираше градоначалникот и со српската амбасадорка во земјава, таа покажа разбирање и ќе ги извести институциите, министерството, владата и дека овој проблем ќе биде. Според видеоснимките што ни ги праќаат луѓето е од фабрика за производство на лепило и вар. Она што го гледаме на видеата е густ облак на чад што се шири накај нашата територија. Кумановци не смеат да бидат заложници на вакво загадување, некој ќе профитира, некој ќе се гуши и затоа апелирам силно преку институциите да се крене проблемот на повисоко ниво и да се реагира многу побргу од тоа што реагираат институциите се ставаат мерни станици но може побргу да се исчита и спречи ова загадување, вели Ѓорѓиевска.

Директорот на државен инспекторат за животна, Сретен Стојковски, изјави дека веќе е испратен допис до Министерството за животна средина и просторно планирање за загадувањето од минатиот викенд во Куманово.

– Испративме допис и министерството има обврска согласно конвенцијата за загадување на животна средина од прекуграничен контекст, официјално да се обрати до министерството за животна средина на Република Србија за проблемот со загадување на амбиенталниот воздух кој доаѓа од работење на правен субјект од Општина Прешево, Република Србија. Остварена е и комуникација со помошник министерот задолжен за служба при министерството за заштита на животна средина на Србија кој е информиран за повторното загадување и побарано да го информира државниот инспекторат за инспекциските постапки на српските институции во општина Прешево, изјави Стојковски.

Државниот инспекторат извршил контрола и на отпадите во општина Куманово и им укажал дека доколку затекне загадување предизвикано од палење ќе добијат забрана за работа, ќе бидат затворени и ќе им бидат изречат парични глоби.

Во меѓувреме кумановци бараат институциите ефикасно и брзо да реагираат, бидејќи велат неподнослива е острата миризба од која не смеат да се отворат прозорци. Минатата недела имаше и протест за загадувањето. Сепак, мерната станица на Министерството поставена во кругот на болницата не покажува надминување на параметрите, за што се информирани и од локалниот инспекторат.