November 25, 2020 13:39
Македонија

Кузеска: Ова е последниот викенд поминат во изолација по позитивниот тест за Covid-19 за нашето семјество

Ова е последниот викенд поминат во изолација по позитивниот тест за Covid-19 за моето семејство и за мене, откако кратко по мене и за поголемиот син ни јавија дека е со позитивен резултат.
Не би ги објаснувала во детали симптомите и деновите од “дружбата” со вирусот, но само ќе кажам дека на моменти бев уверена дека е тука да ми ја земе цела сила, да ми ја вшмука сета енергија.
Кај мене симптомите се засилуваа, а син ми веќе трет ден имаше температура, за што ни рекоа дека ќе треба да го примат во Козле доколку и следниот ден температурата не се намали. За среќа тоа не се случи.
Негативните тестови на помалиот син и на сопругот не ми беа утеха. Секојдневно стравував дали ќе пројават симптоми, проверуваш како се додека спијат, на секое поткашлување поставуваш прашања….
Утре е 21 ден. Две деца од пет и пол години и неполни три, толку време се дома, внатре. Јас можам да се враќам назад, да се преиспитувам, да се обидувам да откријам кога сум спуштила гард и во кој момент вирусот ме совладал, но бескорисно е. До работа најчесто користам такси од иста компанија која ги почитува мерките, а во ресторани, кафиќи со месеци не сум била. Одговор тешко дека ќе најдам, но знам дека вирусот има начини да се вдоми, па затоа екстра внимателност е неопходна. Драго ми е што мојата епидемиолошка анкета кога одговарав со кого сум имала контакт надвор од здравствените протоколи, односно без маска и дистанца, беше празна. Вирусот го донесов дома.
Сакам да ви се заблагодарам на сите кои не` контактирате, покажувате грижа и ни давате поддршка секојдневно. Навистина многу ни значи ❤️
Голема благодарност и до матичните доктори, посебно до докторките на син ми, кои буквално секој ден без исклучок, се јавуваат и ја проверуваат неговата состојба.
Чувајте се! Заштитете се! Носете маска. држете дистанца, мијте раце! Само така ги чувате и своите најблиски, семејството, колегите, пријателите.