December 8, 2022 04:58
Свет

Критично во Бразил-рекорден број на новозаразени, болниците полни

Бразил пријавил рекордни 137.103 нови случаи на инфекција со коронавирус во последните 24 часа, поради ширењето на сојот омикрон, соопшти Министерството за здравство.

Во рок од 24 часа, како последица на инфекцијата починале 351 лице, што е најголем број од средината на ноември.

Бидејќи високо преносливиот вид омикрон стана доминантен вид во земјата, бројот на нови случаи се зголеми над претходниот дневен рекорд од 115.228 регистриран на 23 јуни минатата година.

Бразил има регистрирано 23.211.894 случаи на заразени од почетокот на пандемијата, додека официјалниот број на починати достигна 621.517, соопшти Министерството.

Според проценките на Ројтерс, Бразил има трет најголем број смртни случаи од Ковид 19 во светот, по САД и Русија.

Ширењето на омикрон повторно ги наполни болниците, што ги натера властите да обезбедат повеќе кревети и да мобилизираат повеќе медицински персонал.

Речиси 70 отсто од Бразилците се целосно вакцинирани, а Бразил почна да вакцинира и деца на возраст од 5 до 11 години оваа недела, и покрај противењето на претседателот Жаир Болсонар, кој е скептичен за вакцините.