December 1, 2021 12:50
Свет

Крим може да се врати за пет минути, уверува советник на Зеленски

Украина може да го врати Крим за пет минути, а конфликтот во Донбас се решава со еден телефонски повик, изјави денеска советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Алексеј Арестович.

Како што појасни тој, сето тоа може да се реши само со една одлука на шефот на Руската Федерација, Владимир Путин, пренесе „Спутник“.

„Затоа, целата одговорност лежи кај него. Ние ѝ даваме шанса на Русија да го реши конфликтот, да го реши проблемот, да го сочува својот образ и да си замине од таму“, истакна Арестович.

Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков, пак, денеска порача дека за Кремљ не постои територијалното прашање околу Крим и дека нема да разговара со Украина на таа тема, пренесе РИА Новости.

„Не. Такво прашање за Кремљ не постои“, истакна Песков.

Тој потсети дека рускиот претседател неколку пати потенцирал оти прашањето за Крим е завршено за Русија и дека на полуостровот бил одржан референдум во согласност со меѓународното право.