December 6, 2022 21:46
Свет

Кремљ: Референдумите ќе доведат до промени во областа на безбедноста во регионите што ќе се приклучат на Русија

Кремљ најави дека „референдумите” за присоединување што ќе завршат денеска во четирите украински зони под контрола на Москва ќе доведат до промени за тие територии, главно во однос на безбедноста со можна нуклеарна заштита, пренесе БТА.

– Ситуацијата радикално ќе се промени од правен аспект, од гледна точка на меѓународното право, со сите релевантни последици за целите на заштитата и гарантирањето на безбедноста на овие територии, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

– Нашиот правен систем ќе ги разгледа сите опции и, се ра збира, нашите законодавци, нашите извршни тела и нашите правни тимови се подготвени, додаде тој.

Поранешниот руски премиер и претседател Дмитриј Медведев претходно ја коментираше можноста Москва да ја примени својата доктрина за нуклеарна одбрана на овие територии, која предвидува такви напади во случај на нуклеарен напад или егзистенцијална закана против Русија.

– Силите на руската армија значително ќе ја зајакнат одбраната на сите (украински) територии присоединети кон Русија, напиша Медведев на Телеграм.

Според него, ова засилување ги вклучува „можностите што ги нуди мобилизацијата” што е во тек во земјата, но и употребата на „целото руско оружје, вклучително и стратешкото оружје и оние базирани на нови технологии”.

– Русија има право да употреби нуклеарно оружје, доколку е потребно, во однапред дефинирани случаи и во строга согласност со принципите на државната политика во областа на одбрана од нуклеарен напад, напиша и Медведев.

Коментирајќи ги зборовите на Медведев, Песков потврди дека неговите забелешки точно ја одразуваат руската „воена доктрина” и препорача сите да се потсетат на нејзините принципи.