December 10, 2022 06:42
Свет

Кремљ вети дека ќе ги врати украинските области од каде Русија се повлече

Кремљ ветува дека повторно ќе ги окупира областите на Украина кои неодамна беа ослободени во брзата контраофанзива на Киев, тврдејќи дека тие „засекогаш ќе и припаѓаат на Русија”, јави ДПА.

Изјавата ја даде портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, мислејќи на источните региони на Украина кои Москва ги анектираше – во потег што беше оценет како нелегален од повеќето други земји – и кои се, барем делумно, под контрола на украинските трупи по повлекувањата на бојното поле.

– Овде нема контрадикторност, објасни Песков. Тој рече дека иако руските трупи се повлекле од некои области во моментот, тие региони на крајот ќе бидат повторно освоени. -Тие ќе бидат со Русија засекогаш; тие ќе бидат повторно преземени, изјави денеска Песков за новинарите, според руските државни новински агенции.

Нагласувајќи ја својата поента, Песков продолжи: „Повторувам уште еднаш: одредени територии ќе бидат вратени и ќе продолжиме со консултациите со населението што ќе изрази желба да живее во Русија”, објави новинската агенција ТАСС.

Украинската армија денеска соопшти дека зазела повеќе населени места на југот на земјата, откако, исто така, вчера постигнала територијални придобивки во Херсон.

Делови од Доњецк и Луганск се контролирани од групи кои тврдат дека се лојални кон Русија од 2014 година. Русија, исто така, го анектираше Крим во 2014 година.