November 26, 2022 14:02
Македонија

Коњановски: Оваа година историска реализација на буџетот на Битола и 72% реализација на капитални инвестиции

Историска реализација на буџетот на Општина Битола во 2022 година.

Историски висок степен на реализација на буџетот на Општина Битола и капиталните инвестиции беше дел од излагањето на градоначалникот на Битола, д-р Тони Коњановски на регионална средба и трибина на општините од Пелагонискиот плански регион .

– Изминатава година напорно работевме на реализација на буџетот на Општина Битола, каде имаме реализација од 72 проценти на капиталните инвестиции, како и повеќе од 80 проценти реализација на Буџетот до крајот на годината. Овие бројки се највисоки за Општина Битола во изминатава декада, а секако изминативе 5 години, кога истите се движеле од 26 до најмногу 57 проценти во изборна година – кажа градоначалникот Коњановски.

Одличната работа на Општина Битола резултира со добивање на многу признанија и награди, меѓу кои и Европската ознака за извонредност во управувањето, која се доделува како резултат на високото ниво на усогласеност на општината со 12 начела на Советот на Европа за добро демократско управување.

Коњановски најави интензивна работа и наредната 2023 година, каде до овој момент изготвени се 65 проекти кој можат да започнат да се реализираат, со вкупна вредност од околу 1,1 милијарда денари.

– Како поважни проекти за наредната година може да ги издвојам изградбата на спортскиот комплекс за кое идејното решение е готово и деновиве ќе го претставиме на јавноста, а врз негова основа ќе се работи и основниот проект. Нареднава година ќе продолжиме со работата на проектот за изградба на објект за противпожарната единица, каде во тек е евалуацијата на пристигнатите решенија за проектот и во текот на идната година ќе започнеме и со неговата реализација – додаде Коњановски.

Проекти на чија реализација општината ќе работи во наредната 2023 година се и изградба на заобиколницата кај индустриската улица Бурса, реконструкција на повеќе улици и булевари, изградба на велосипедски патеки, изработка на проектната документација за зоолошката градина и многу други.

Регионалната средба на општините од Пелагонискиот регион се одржа во Битола и истата беше организирана од страна на Комисијата за локална, Комисијата за инфраструктура, урбанизам и транспорт, Комисијата за енергетика и Комисијата за финансии при ВМРО-ДПМНЕ.