Search

Косовскиот државен врв го поздрави изгласувањето на уставните измени во македонското Собрание

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, претседателот на државата Хашим Тачи и претседателот на Собранието Кадри Весели синоќа го поздравија изгласувањето во македонското Собрание на амандманите на Уставот, со кои Македонија стави крај на спорот со Грција околу името на државата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај му изрази прзнание на македонскиот премиер Зоран Заев за, како што вели, неговата „докажана прозападна визија која е значајна за целиот регион”, а одлуката на македонското Собрание за усвојување на уставните измени ја оцени како „огромен чекор кон евроатланските интеграции на соседната држава”.

– Го поздравувам изгласувањето на уставните измени во Собранието на Македонија за промена на името во Република Северна Македонија, како голем чекор на патот кон евроатлантските интеграции на соседната држава. Овој настан, кој е значаен за новата историја на Западен Балкан, претставува надеж дека нашиот регион оди во правец на еден опстоен мир. Го поздравувам мојот хомолог Зоран Заев за докажаната прозападна визија, како и Албанците од Македонија за клучната улога во овие промени, напиша Храдинај во неговата објава на Фејсбук недолго по изгласувањето на уставните промени во македонското Собрание.

Успешниот исход на гласањето за промените на Уставот на РМ, со кои се верификува Договорт со Грција, го поздрави и претседателот на Косово, Хашим Тачи, кој оцени дека македонското Собрание покажа „храброт, визија и висока свест”.

Одлуката на пратениците во македонскиот Парламент, според Тачи, „не беше лесна, ниту популарна, но беше вистинската одлука, со која ги надминаа партиските интереси во полза на државата и граѓаните”.

– Република Македонија или Северна Македонија, како што се именува сега, направи голем чекор напред, отворајќи ги перспективите за политичка сабилност, продолжување на реформите и интегрирање на земјата во северноатланските интеграции, со што им гарантира подобар живот на своите граѓани и на новите поколенија, напиша косовскиот претседател на својата официјална страница на Фејсбук.

Тачи го искористи овој повод да порача и дека „2019 година ќе биде година на големи одлуки и за Косово” и „година во која треба да се затвори и вековниот конфликт меѓу Косово и Србија, со конечен и сеопфатен договор за мир и нормализирање на односите меѓу двете држави”.

И претседателот на косовското Собрание, Кадри Весели го поздрави исходот на вчерашното гласање за уставните измени во Македонија.

– Големи честитки за историскиот глас кој моите колеги во Скопје го дадоа за ратификувањето на Преспанскиот договор. Оваа одлука еднаш и засекогаш го деблокира патот на интеграциите за нашата пријателска држава и го забрзува зачленувањето во НАТО и ЕУ, не само на Македонија туку и на целиот наш регион. Со овој глас се консолидира мирот и стабилноста во целиот регион и се потврдува уште еднаш дека дијалогот и разбирањето претставуваат најдобар начин за решавање на проблемите кои се наследени од минатото, порача првиот косовски парламентрец.

Весели посебно им честита на пратениците Албанци во македонското Собрание, за тоа што го дадоа нивниот, како што вели, „решавачки придонес” за успешното заокружување на процесот на уставните измени во Македонија.

Треба да знаете
Последни објави