December 3, 2020 13:52
Култура Магазин

Копола го преработува „Кум 3“, не му се допаѓа крајот на трилогијата

Режисерот Френсис Форд Копола најави дека ќе објави нова, премонтирана верзија на „Кум 3“, што ќе биде „посоодветен заклучок“ на трилогијата за шефот на мафијата Мајкл Корлеоне.

Според порталот Н1, филмот ќе го смени и насловот во „Mario Puzo’s The Godfather, Coda: The Death of Michael Corleone“ („Кумот на Марио Пузо, Епилог: Смртта на Мајкл Корлеоне“).

„Тоа е потврда за насловот што го посакувавме јас и Марио и нашите првични намери во врска со она што на крајот испадна ’Кум 3’“, рече Копола.

„За оваа верзија на финалето, направив нов почеток и крај и препакував некои сцени, кадри и музика. Со овие промени и обновената слика и звук, тоа е, според мое мислење, посоодветен заклучок за првиот и вториот дел на ’Кум’“, рече режисерот.

Новата верзија на „Кум 3“ ќе се дистрибуира во ограничен број на кина во декември.

Во 2008 година, Копола објави обновени верзии на првиот и вториот дел од „Кум“, а во меѓувреме го објави и „последниот рез“ на „Апокалипса денес“.