August 19, 2019 03:42
Економија

Конференција: Недоволна имплементација на Законот за урбано зеленило

Донесување  правилник за урбано зеленило, заштита на урбаното зеленило во новиот Закон за урбанистичко планирање, интегрирање   стандарди за урбано зеленило во нов правилник за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, подобрување на инспекцискиот надзор врз примената на Законот за урбано зеленило и подобрување на условите за граѓанска контрола врз примената за законот, се дел од препораките што произлегоа од денешната конференција на тема „Како да го зазелениме урбанизмот?”, во  организација на „Зелен Институт” од Скопје и Демократска обнова на Македонија – ДОМ, а со поддршка на „Bureau de Helling” од Холандија.

Наташа Амдиу, претседателка на „Зелен институт” информира дека целта на денешниот настан е да ги слушаат релевантните чинители за степенот на имплементација на релативно ново донесениот Закон за зеленило и заложбите за негова идна поефективна и поефикасна имплементација.

Маја Морачанин, претседателка на ДОМ нагласи дека и по една година од Законот за урбано зеленило, донесен во јануари 2018 година, сметат дека не е доволна имплементацијата на овој закон.

-Она што ДОМ го очекува е да се интензивира имплементацијата, пред се во носењето на подзаконските акти и да се усогласи новиот Закон за урбанистичко планирање со одредбите на Законот за урбано зеленило. Сметаме дека на тој начин може да се зазелени урбанизмот и да се подобри квалитетот на живеење на граѓаните во урбаните средини.

Државниот секретар во Министерство за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) Ана Петровска рече дека денеска ќе го претстават Правилникот за урбано зеленило, кој го изработува и наскоро ќе го усвои МЖСПП како резултат на веќе донесениот Закон за урбано зеленило .

– Овој правилник има голема важност како дополнување на постојните одредби на Законот за просторно и урбанистичко планирање. Исто така, треба да претставува основа за изработка и на урбанистичките планови, се со цел урбаното зеленило да го заземе потребното место. Така на пример, во рамките на изработката на генерален урбанистички план како што вели Законот, а сега потврдува и Правилникот за урбано зеленило, ќе треба да се изработи стратегија за развој на зеленилото. Во градовите каде имаме загадени подрачја, каде немаме доволно проветрувања, каде имаме топлотни острови ќе се обидеме да обезбедиме и да инсталираме ново зеленило, да го прошириме постојното зеленило на простори што се деградирани, опустошени,  да го дерекултивираме последните диви депонии и на тој начин да работиме исто така и кон намалување на климатските промени, на подобрување на целокупната микро-клима на градот. Потоа, во рамките на деталниот урбанистички план ќе работиме на основни планови за зеленило каде ќе обезбедиме дека се она што го кажува стратегијата ќе биде операционализирано, изјави Петровска.

Таа наведе дека новина на овој Правилник, исто така е начинот како ќе се проектираат во иднина објектите каде ќе биде обврска пред да се добие градежна дозвола да се докаже дека на ниво на градежна парцела имаме 20 отсто урбано зеленило, а тоа ќе се потврдува со специфична формула со која, како што рече таа, ќе докажеме дека видот на зеленило што е имплементиран на парцелата навистина ќе ги задоволи потребните микро климатски услови.

Морачанин рече дека најголемите проблеми при импементацијата на Законот се недонесувањето на подзаконските акти, но потребно е поинтензивна работа на инспекциските служби на локално и централно ниво, со цел да се обезбедат одредбите од овој закон.

– Исто така, јасно е дека треба и самите административни службеници кои се одговорни во носењето и изработка на деталните урбанистички планови, да бидат посветени на сериозна имплементација на овој закон. Главната придобивка од Законот за урбано зеленило се дека на ниво на ГУП треба да се проектираат 25 м2 зеленило по жител, минимум 20 отсто на градежна парцела зеленило, да се воведе зелениот катастар и заштита на дрвјата, особено капиталните примероци што се со обем поголем од 40 см и над 1,3 метри висина, нагласи Морачанин.

Нови вести

За колку пари Трамп би можел да го купи Гренланд?

Igor

Кина престана да купува нафта од Венецуела

Igor

ВМРО-ДПМНЕ го уништи земјоделството, денес преку аграрните реформи имаме раст на откупот, навремени и неселективни  субвенции и конкурентни производи

Igor