August 24, 2019 16:11
Македонија

Коневски: Сите кои не се согласуваат со политиките на Мицковски се тргнати на страна

Не го коментира бегството на Груевски, а за Силјановска вели дека има позитивно мислење. Во моментов не е политички активен, иако на хартија стои дека е советник во најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Ивица Коневски, бившиот градоначалник на Аеродром за 24 инфо вели дека на народот му е преку глава од негативните кампањи, од клевети и постојани обвинувања. Не знае дали во неговата партија има фракции, но она што го знае е дека има многу искусни луѓе кои во моментов не се согласуваат со политиките на Мицкоски и се тргнати на страна.

На прагот сме на уште едни претседателски избори. Како член на  најголемата опозициска партија како ја оценувате Силјановска како  кандидат?

 Професорката Гордана Силјановска – Давкова сметам дека е квалитетен кандидат и за неа имам позитивно мислење.

Што очекувате за претседателските избори, можеше ли ВМРО-ДПМНЕ да оди со друг кандидат?

Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ има квалитетни кадри кои можеа да бидат кандидати за претседателските избори, но тоа е веќе завршена тема. Сега е потребно да се обединиме околу изборот на проф. Силјановска за остварување што е можно подобар резултат на претстојните претседателски избори.

Може ли да направите паралела околу вашиот кандидат и Стево Пендаровски?

Силјановска беше моја професорка на Правниот факултет и знам дека станува збор за неприкосновен професионалец. Јас лично мислам дека таа е многу поквалитетен кандидат од нејзиниот ривал Стево Пендаровски. Но, за жал, коалиционите можности на мојата партија во моментов, според мене, се ограничени и тоа е голем хендикеп за Силјановска, што е многу веројатно да се одрази и на конечниот резултат.

Мислите ли дека на народот му е доста од партиските препукувања и избори?

Мислам дека на народот му е преку глава од негативните кампањи, од клевети и постојани обвинувања. Таквата атмосфера што веќе е наше секојдневие, според мене, ќе резултира со намалена излезност на претстојните избори.

Колку е Коневски партиски активен во моментов?

Во моментов воопшто не сум партиски активен, иако на хартија се водам како советник во партијата.

Вашето мислење за Кристијан Мицковски и за неговите партиски политики?

Христијан Мицкоски лично не го познавам доволно за да дадам свое мислење за него каков е како човек. Но, како политичар мислам дека не е доволно искусен и направи многу грешки, како во водењето на политиката, така и во кадровските решенија во партијата.

Има ли фракции во партијата?

Не знам дали има фракции, но она што го знам е дека има многу искусни луѓе кои во моментов не се согласуваат со политиките на Мицкоски и се тргнати на страна. Со тоа, ВМРО-ДПМНЕ губи многу, затоа што станува збор за членови кои со своето знаење и искуство досега направиле многу за партијата, а убеден сум дека имаат волја да помогнат и во иднина, доколку им се даде можност.

Коментар за бегството на Никола Груевски!

Не би сакал да го коментирам бегството на Никола Груевски.

Како ги коментирате казните изречени за 27 април?

Сметам дека казните во суштина имаат за цел да делуваат поучно врз учесниците во казнивите дела. Но, конкретно овие казни не гледам дека ќе бидат поучни, затоа што се премногу високи и само ќе ги уништат животите на тие луѓе и на нивните семејства.

Каде е сега Коневски и со што се занимава? Кој е Коневски приватно?

 Јас професионално сега се занимавам со адвокатура, а приватно сум обичен човек кој како и секој друг, се занимава со секојдневните животни предизвици.

 Валентина Ангеловска

Фото: Слободан Ѓуриќ

 

 

 

Нови вести

Ременски бара повлекување на текстовите за записникот за „Рекет“, во спротивно ќе се приклучи кон тужбата

zane

Шекеринска: Ќе ја тужам „Република” за лагите, целта е да се одложат постапките против криминалот

zane

(Видео) Прилепчани добија нови еколошки автобуси

zane