December 1, 2021 17:30
Македонија

Кондовски: Шареноликоста на новиот Совет на Општина Битола ќе биде компаративна предност, бидејќи нема да доминира една партија

Шареноликоста на новиот Совет на Општина Битола ќе биде предност, а не недостаток во функционирањето на идната локална самоуправа на Битола. Ова вечерва во дебатна емисија на МТВ посветена на локалните избори, го истакна кандидатот за градоначалник на Битола од СДСМ и коалициските партнери, Христо Кондовски.

„Кој ме познава добро знае дека јас како човек од стопанството во секоја работа гледам можност и го користам најдоброто што може во одредена ситуација. Сметам дека овој да го наречам граѓански Совет, шарен во составот, од повеќе политички партии, од СДСМ, Левица, Поинаку, ЛДП, ДУИ, ВМРО ДПМНЕ, токму ќе биде една компаративна предност. Јас сум човек што обединува и што знае да слуша, да носи брзи одлуки во интерес на граѓаните и сметам дека токму со овој совет можеме да ја исполниме програмата 100%.“-рече Кондовски.

Тој додаде дека токму ваков совет ќе ги унапреди состојбите во локалната самоуправа.

„Со ваков совет, зборувам отворено, дури и ќе го изгубиме багажот на еднополитичка припадност и еднополитичка доминација. Тој совет ќе биде не малку, туку дефакто ќе биде Граѓански совет и тој Совет ќе може да допринесе за реализација на сите проекти, не само од нашата програма, туку и нешто плус од тоа, на коалиционите партнери да се прифатат идеите, проектите, брзо да се реализираат. Тој Совет ќе биде потврда за граѓаните дека она што ќе се сработи се работи вистински за Битола и битолчани. Не е само еднопартски, туку е шарен Совет. Јас знам и умеам со такви работи, знам да се вложам максимално, да бидам ефикасен менаџер во тој дел и убеден сум дека ќе успееме на битолчани да им го испорачаме најдоброто, а тоа е реализација на програмата 100%, плус тие програми кои се на другите коалициони партнери. Еве отворено кажувам дека ги прифаќам нивните програми во иднина кога ќе влезат, бидејќи имавме многу конкретни проекти во нашата програма. Ќе ги прифатиме тие проекти и заедно ќе ги реализираме во интерес на битолчани.“-рече Кондовски.