August 12, 2022 02:10
Македонија

Комисиската расправа за ребалансот на Буџетот ќе продолжи в понеделник

Собраниската комисија за финансирање и буџет ја заврши денешната расправа за ребалансот на Буџетот за 2022 година. Расправата ќе продолжи во понеделник.

И на третиот ден од комисиската расправа пратениците од опозицијата и од власта останаа со спротивставени ставови. За опозицијата ребалансот е доказ дека економијата е разрушена и дека постојано се зголемува сиромаштијата. Пратениците од власта, пак, порачаа дека со ребалансот се остварува заштеда на сериозни средства кои ќе се искористат за директна помош за граѓаните и за стопанството.

Со ребалансот на Буџетот, вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Износот на вкупните расходи е 288,5 милијарди денари или за околу 161,1 милијарда денари (5,9 проценти) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари и се за околу шест милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година, но од власта најавуваат дека ќе продолжат проектите за изградба на патишта, железници, гасоводи. Се планира економскиот раст да биде 3,2 проценти, инфлацијата да достигне до 7,2 проценти, а дефицитот да биде 42,7 милијарди денари.

Членовите на Комисијата во текот на расправата за ребалансот на Буџетот треба да разгледаат и преку 200 амандмани, поднесени претежно од опозицијата.