December 5, 2022 22:48
Магазин

„Колдплеј“ ги одложи концертите во Бразил поради болест на Крис Мартин

Членовите на „Колдплеј“ соопштија дека им е исклучително жал што мора да ги одложат претстојните настапи во Бразил, откако фронтменот Крис Мартин доби сериозна инфекција на белите дробови. Британскиот бенд во вторникот објави дека настапите закажани за овој месец ќе се одржат на почетокот на 2023 година.

„Колдплеј“ требаше да има осум концерти во Рио Де Жанеиро и Сао Паоло како дел од светската турнеја Music of the Spheres.

Но, Мартин има строга лекарска наредба да мирува три недели, твитна бендот.

„На сите во Бразил кои со нетрпение ги очекуваа овие концерти, многу ни е жал за какво било разочарување и непријатност, и  сме многу благодарни за вашето разбирање во овој предизвикувачки период кога треба да му дадеме приоритет на здравјето на Крис“, се наведува во соопштението.

„Ние сме оптимисти дека Крис ќе се врати во добро здравје по пропишаната медицинска пауза и со нетрпение очекуваме наскоро да ја продолжиме турнејата.“