April 21, 2021 00:43
Култура

„Кожурец“ – филм за растењето и будењето премиерно во Кинотека

Заводливата приказна за полнолетството и сексуалното будење „Кожурец“ на германската режисерка Леони  Крипендорф вечерва во 20 часот ќе има премиерно прикажување во Кинотеката на Северна Македонија.

Филмот учествуваше во официјалната програма на Берлинале 2020 г. и беше номиниран за наградите „Сребрена мечка“ и „Теди“ во програмата наменета за младите гледачи (Generation 14plus). Учествуваше и на фестивалите во Сао Паоло (Бразил), и Гвадалахара (Мексико).

Берлинската населба Кројзберг е микрокосмосот на Нора. Нора, тивок набљудувач, секогаш тагира на социјалните мрежи: на забавите, в училиште, на базен, на покривите и во апартманите. Заедно со постарата сестра и со пријателите „се шлаат“ по здодевниот пејзаж на стамбените блокови, набљудувајќи ги минувачите: девојчиња што сакаат да бидат витки и убави, момчиња што „тресат“ глупости само за да провоцираат или затоа што се вљубени. Сето тоа забележано со камерите на паметните телефони. Нора на посебен начин го набљудува светот околу неа, и кога ќе го запознае Роми ќе сфати зошто: музиката е во воздухот, телото на Нора се менува, а гасениците излегуваат од нивните кожурци. Филмот го бележи летото на промени кај Нора…

Филмот е наменет за возрасна категорија над 12 години. Дистрибутер е „Катавеј“ од Скопје, а дистрибуцијата е поддржана од Германскиот филмски фонд.