Предизвикот постои и пред нас е период на консолидација, рече кандидатот за претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски во гостувањето на ТВ24. Тој кажа дека токму од таа причина во мотото од својата програма ги нотирал зборовите: Заедно, одговорно и посветено.
-Мораме да ги консолидираме нашите редови внатре, секој член да биде слушнат и неговото мислење да биде земено како валидно и потоа да види дали неговото мислење се практикува. СДСМ е голема партија и оние кои биле дел од партијата презеле државни функции и тука дополнително се ослабнува партијата. Треба да се активираат членовите во партијата и сите оние кои во изминатиот период се пасивизирале преку месните организации и општинските раководства. Треба да се привлечат и нови лица кои ќе ги адресираат предизвиците со кои се соочува општеството, вели Ковачевски.
Според него СДСМ го има најдобриот кадровски потенцијал во државата и има најголем демократски капацитет.
-Ние бираме претседател на непосредни избори и секој член што ги исполнува условите може да се кандидира. Постојното раководство е избрано пред само седум месеци, имаше освежување со голем број правници и истакнати економисти и други општественици, но има затвореност на ниво на општински раководства и тоа треба да го отстраниме, потребни се нови идеи. Организациските единици ако се затворат се отвора опасност од клиентелизам и запазување лични интереси. Алудирам на три столба, унапредување на социјалдемократските вредности, економски раст и справување со горливите проблеми, и трето, давање фер шанса на квалитетни луѓе во сите нивоа на институциите во државата, истакна Ковачевски.