August 13, 2022 20:01
Македонија

Ковачевски почна да ја презентира програмата

Кандидатот за лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски од вечерва го започна презентирањето на својата програма пред членовите на партијата. Тој информира дека денеска во Карпош имал средби со раководствата на општинските организации, на ЛК, форумите на жени, членовите на ЦО и пратениците од сите скопски општини.

-Резултатот на локалните избори ни покажа дека мора да ги менуваме работите. Многу е важно да го зајакнеме единството и да го мотивираме секој член да се приклучи на промените, потенцирал Ковачевски и додава:

-Функционирањето на месните одбори комплетно ќе се ревидира при што основите за функционалноста на партијата мора да започнуваат токму од овие локални, но суштински јадра на партијата. Нашите членови ќе мора да не евалуираат нас раководството и ние да постапуваме.

Заменик-министерот за финансии смета дека партијата мора да биде генератор на идеи и мора да зајакне до таа мера да биде столб не политиките во државата.

-Редовни консултации и постојани партиски активности се потребни на секое ниво. Партијата ќе работи паралелно со институциите и ќе им помага на нашите функционери. Мора да ја подобриме координацијата и соработка на релација Влада – Локална самоуправа – Партија, истакнува Ковачевски.

Интересно е да се забележи дека на средбата со членовите на партијата, до Ковачевски беше и поранешниот директор на УБК, Миле Зечевиќ, кој иако најавуваше кандидатура за лидер на партијата, сепак не ја достави.

Покрај Ковачевски, кандидатури поднесоа и Фросина Ременски и Јован Деспотовски.