February 3, 2023 11:26
Македонија

Ковачевски: Кај мене има 100 % политичка волја да се донесе нов закон за плати во јавниот сектор

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека кај него има 100 проценти политичка волја да се донесе нов закон за плати во јавниот сектор со оглед на големата неконзистентност на платите во државава. Министерствата за информатичко општество и администрација и за труд и социјална политика веќе имаат обврска да изработат закон за плати во јавниот сектор, а такви закони се применуваат и во регионот и во Европската Унија.

Одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Прилеп, Ковачевски повтори дека во државава има голема неконзистентност на платите, посочувајќи дека има јавни претпријатија кои со години креираат големи загуби, а директорите имаат поголема плата и од претседателот на државата и од претседателот на Уставниот суд.

-Затоа предложив до министрите за информатичко опшетество и администрација и за труд и социјална политика да направат тим и да се изработи закон за плати во јавниот сектор каде што ќе се воведе конзистентност, ќе се знае која е највисоката плата и врз основа на кои критеруми ќе бидат регулирани нивоата на другите плати. Треба политичка волја да се направи таков закон, кај мене постои 100 процентна политичка волја да има таков закон во државата и тие веќе имаат обврска да го изработат и еднаш засекогаш да се стави конзистентност на платите во државата, изјави Ковачевски, дополнувајќи дека такви закони постојат и во регионот и во ЕУ.

Во однос на реакциите за износот на платата на прилепскиот Тутунски комбинат Ковачевски посочи дека платата е врз основа на договор, а од комбинатот се очекува да креира добивка.

-Директорите имаат плати зависно од тоа во која институција работат, дали работат во трговско друштво, јавно претпријатие или во државна институција. Конкретно за платата на директорот на Тутунски комбинат неговата плата е врз основа на договор, а она што јас како претседател на Влада и Владата очекуваме е Тутунски комбинат Прилеп да креира добивка која што значи нова вредност за државата. Она што го знам е дека за разлика од годините кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт овој комбинат креираше загуби, а сега креира добивка, значи тоа е нешто што треба да се пофали, рече Ковачевски.