December 9, 2022 23:30
Македонија

Ковачевски и Мицкоски ќе се сретнат во Владата, во фокусот енергетската криза

За денеска попладне е закажана средбата меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на која ќе се разговара за енергетската криза и за начините како да се ублажат последиците од неа. Средбата, како што вчера потврдија од Владата за МИА, е планирано да се одржи во 16 часот.

На средбата, покрај Мицкоски, ќе присуствува и економскиот тим на партијата кој ќе го презентира планот на ВМРО-ДПМНЕ за надминување на последиците од кризата.

– Ги нудиме нашите ресурси и концептот. Утре ќе биде запознаен и премиерот. Би требало да се разговара во вакви тешки времиња, треба да седнеме заедно најголемата опозициона партија и Владата, изјави вчера Маја Кадиевска од ВМРО-ДПМНЕ во емисија на телевизија 24.

Средбата доаѓа по неколкудневните несогласувања за евентуални разговори откако Мицкоски го повика Ковачевски на тв дуел. Вчера, Ковачевски го повика Мицкоски да присуствува на седницата на Економскиот совет на Владата закажана за среда, но Мицкоски ја одби поканата изјавувајќи дека не гледа потреба да присуствува на седница на Советот затоа што во него членуваат истите луѓе кои не ги решиле проблемите во ковид кризата.

– Местото за предлагање на мерки, на концепти итн. е Економскиот совет на Владата во проширен состав на којшто присуствуваат сите претседатели на стопански комори, претставници на академската заедница, економисти од МАНУ, претставници на најголемите компании, претставници на Владата од сите економски ресори и нормално во овој случај и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, којшто исто така доаѓа од секторот на енергетика, односно од Машинскиот факултет, изјави вчера Ковачевски.

Наспроти него, Мицкоски изјави дека не гледа причина да присуствува на седницата на Економскиот совет и дека е подобро да има тв дебата.

– Не гледам причина зошто би влегол јас во ова сценарио на претворање на целата оваа работа на пазар која што е многу сериозна, бидејќи се работи за иднината на државата и за иднината на граѓаните. Тогаш подобро и ќе беше да излеземе на тв дебата, зошто таму ние да седиме педесетина луѓе  или триесетина којшто и досега и онака ништо не решиле, тие луѓе којшто беа за ковидот, се дел од тој Економски совет и ако така ги решаваше работите, како што ги решававме за ковидот, јас навистина не сакам ниту нивното, ниту своето време  да го губам и затоа им реков одберете тим, подготвен сум да ви помогнам, рече Мицкоски вчера на гостувањето во „Студио 10″ на телевизија 24.Од друга страна, бизнис секторот вчера побара од Владата најдоцна до среда да донесе мерки со кои ќе го ублажи ценовниот удар, во спротивно најавуваат затворање на капацитетите. Од Стопанската комора на Северна Македонија сметаат дека брзината на реакција е пресуден фактор за зачувување на макроекономската и на буџетската стабилност на државата.

– Ситуацијата во која се наоѓа стопанството е сериозна со оглед на високите сметки за електрична енергија, зголемени до шест пати, за што ниту една компанија не е виновна. Повеќе од 1 600 правни субјекти кои се наоѓаат на слободниот пазар на 30.9.2022 година беа анкетирани и рекоа дека се наоѓаат во исклучително тешка состојба. Почнат е процесот на намалување на вработените, редуцирање на производството и на затворање на капацитетите. Ескалацијата ќе биде во наредните два месеца кога се склучуваат договорите за снабдување со струја за наредната година, наведе Комората во вчерашното соопштение.

Според Комората, фирмите, оставени сами на себе да се снаоѓаат, излез бараат во враќањето на регулираниот пазар.

-Комората регистрира случаи на правно преструктуирање (делење на фирмите за да се исполнат условите за влегување на регулираниот пазар), што може да доведе до сериозни последици за сиот енергетски систем, исто како и за отпуштените работници, кои, иако дома имаат субвенционирана цена на струјата, нема да можат да ја платат, оценува Комората.

Бизнис секторот смета дека нивните барања се оправдани и економски издржани за да се зачува ценовната конкурентност на македонските производи.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера во изјава за медиумите потсети дека во тек се преговори со соседните држави за да се обезбедат енергенси и електрична енергија по поволни цени. Со Србија се преговара да се обезбеди гас од нивните складишта и доколку се најде начин, тој да се донесе во земјава за да се  произведува електрична енергија, која што би била половина за Србија, а половина за нас.

– Од српска страна се уште ги испитуваат можностите тоа да се направи. Доколку бидат во можност да го испорачаат гасот да стигне во Северна Македонија, тогаш таа идеја ќе може да се реализира, рече Ковачевски.

Со Бугарија, како што појасни, се разговара за билатерален договор за обезбедување на електрична енергија по поволна цена од берзанската, но и покрај волјата од бугарска страна, за реализација на таквата идеја Софија ќе мора да ги почитува правилата и регулативите на ЕУ во таа сфера, кои ја обврзуваат сите вишоци на струја да ги продава преку берзата.

Се чека и на понудата од турски „Ботош”. Треба да се види која е понудата и колку е количината што тие можат да ја испорачаат, а истовремено се водат разговори и за ослободување на прекуграничните капацитети за транспорт на таа електрична енергија.

Според премиерот, веќе се подготвуваат и листите и категориите на граѓани коишто ќе бидат поддржани со дополнителни финансиски средства од буџетот, со цел да можат полесно да ја пребродат кризата.