September 26, 2022 17:53
Македонија

Ковачевски: Интегриран Западен Балкан е важен за обединета и економски силна Европа

После 65 години од потпишувањето на Римскиот договор на кој се темели денешната Европска Унија, повеќе од јасна е неопходноста за зголемување на единството во Унијата, за реализација на ветеното, за обединета, единствена и економски силна Европска Унија, со целосно интегриран Западен Балкан.

Ова го порача претседателот на Владата Димитар Ковачевски  во обраќањето со кое ја отвори сесијата на тема „65 години после Римскиот договор: Дали Европа е целосно економски реконструирана и интегрирана?” во рамки на Преспа Форумот за дијалог.

-Преговори, сè уште не сме почнале, и тоа секако се должи на предизвиците кои го попречија нашиот европски и интегративен пат. Но, еве нѐ денес, сè уште на истиот тој пат, бидејќи членството во ЕУ, за нас, нема алтернатива. За нас, ЕУ интеграцијата е прашање на прифатени највисоки западно-демократски вредности и посветеност за исполнување европски стандарди на работење во сите сфери на општеството и во сите институции, нагласи Ковачевски.

Имаме направено многу одрекувања, нагласи тој, сме донеле тешки одлуки за зачленување во ЕУ и НАТО, за подобра иднина на граѓаните. Членството во НАТО е постигнато. Поради една блокада, Европската Унија не ги исполнува ветувањата, иако има широка поддршка од земјите членки, за што сум навистина благодарен јас и граѓаните на државата.

-Продолжуваме да работиме на европеизација на севкупниот систем во државата, европските демократски и општествени вредности ги имплементираме дома. Ние сме дел од Европското семејство и ги делиме истите вредности, додаде Ковачевски.

Во делот на економијата тој се осврна на значењето на иницијативата Отворен Балкан и на регионалното здружување, кое, како што рече, верува дека нé води побрзо кон Интеграција на регионот во ЕУ и Единствениот пазар на Унијата.

-Фактот дека сите наши економии се најдиректно зависни и поврзани си Европската Унија најдобро зборува за важноста на пазарот и зајакнувањето на економските врски со ЕУ како за секоја земја поединечно, така и за регионот во целина. ЕУ е најважниот економски партнер, 80% од нашата надворешна трговска размена е со земјите членки на Унијата, 80% од стратешките странските инвестиции исто така се од земји членки на ЕУ кој процент заедно со Велика Британија е над 90%, посочи Ковачевски.

За нашата земја, како што рече, за деловната заедница интеграцијата на регионот со ЕУ, односно во единствениот пазар е од голема важност. Пред две години на Самитот во Софија во рамки на Берлинскиот процес, се потпиша Декларацијата за заедничкиот регионален пазар за подлабоката регионална економска интеграција и за чекор кон единствениот пазар на ЕУ како и Декларацијата за зелената агенда.

-Неопходно е интензивно ефектуирање и забрзување на сите процеси особено од аспект што живееме во услови на најголемата светска криза, период на пост-пандемија и воена агресија врз Украина, која направи тектонски поместувања и поделеност на светот. Неопходно е да работиме во интерес на граѓаните, на стопанството, на развој на регионот, сé со цел економски напредок, вели Ковачевски.

Во делот на дебатата тој се осврна и на најважните аспекти на мерките на Владата за справување со последиците од економската и енергетската криза. Нагласи дека Владата на Северна Македонија стори сѐ што е потребно за ублажување на последиците со мерки кои започнаа уште минатата година поради зголемените цени на енергенсите на европските пазари.

-Веднаш презедовме мерки кои беа насочени кон зачувување на стандардот на граѓаните со најниски приходи. Вторите беа насочени кон зачувување на ликвидноста на компаниите за да се зачуваат работните места и да се задржи економскиот раст. Потоа следуваше сеопфатниот антикризен пакет со повеќе од 600 милиони евра, со кој меѓу другото, обезбедивме субвенции за електрична енергија за малите потрошувачи, како и за некои деловни субјекти кои што се занимаваат со нега за деца и слично. Обезбедивме и кредити со ниски каматни стапки и други мерки поврзани со финансиските продукти кои им помагаат на енергетската транзиција на компаниите за да бидат оспособени на најевтин начин да ја применат употребата на поевтините обновливи ресурси како енергенси во нивната работа, посочи премиерот Ковачевски.

Тој дополни дека беа донесени мерки кои беа насочени кон сопирање на ценовните шокови за домаќинствата и за граѓаните, особено во однос на цените на храната и цените на енергенсите.

-Овде би спомнал уште една многу важна димензија во однос на справувањето со обезбедувањето на основните прехранбени продукти и цените за нив, а тоа е регионалната и директна соработка меѓу лидерите во регионот кои докажа дека Балканот може да биде навистина место каде може да соработуваме и да си помагаме. Имавме секојдневна комуникација со претседателот на Србија Вучиќ и со премиерот на Албанија Рама, како и со премиерот на Бугарија, со премиерот на Грција и причината на таа комуникација беше да се обезбеди непрекинат транспорт и трговија со сите стратешки неопходни прехранбени продукти за да немаме недостатоци во регионот и тоа даде резултати затоа што во сите овие земји немаше недостаток на храна и на енергенси дури ни еден единствен ден за време на зимата”, истакна премиерот Ковачевски и додаде дека кога во Албанија недостасуваше сончогледово масло во продавниците, Северна Македонија донесе одлука да ги извезе потребните количини за Албанија.

Ковачевски потенцираше дека поединечните мерки од сите земји се секогаш подобри кога се придружени од добра и отворена комуникација со сите соседни земји во регионот и дека во таа насока последниот Самит на земјите членки на процесот на соработка во Југоисточна Европа во Солун пред две седмици ги поканил Турција, Грција, Италија да се придружат на иницијативата „Отворен Балкан” како земји набљудувачки за да ја зголемат таа регионална соработка и да ги зближат граѓаните и деловните субјекти од целиот поширок регион.

Во однос на движењата на инфлацијата, премиерот Ковачевски истакна дека мерките што ги презеде Владата на Република Северна Македонија дадоа резултат и на овој план и стапката на инфлација во земјата е пониска од некои земји членки на ЕУ.