December 3, 2022 09:12
Македонија

Ковачевски: ЕУ е наша единствена алтернатива

Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат најголема заслуга, бидејќи предолго го чекаа овој момент. Членството на Република Северна Македонија во ЕУ е од суштинско значење и за Европска Унија, нагласи попладнево премиерот Димитар Ковачевски на Генералната дебата на 77-то Генерално собрание на Обединетите Нации во Њујорк (САД).

„Ние немаме друга алтернатива која ќе ни овозможи подобар животен стандард, а и никој не рече дека сето ова ќе биде лесно. Напротив, и покрај сите потешкотии, ЕУ е сѐ уште најдобрата опција за нашата иднина, за иднината на нашите деца. Ние, едноставно ја немаме ниту можноста, ниту привилегијата да се откажеме сега. Сега е вистинското време да продолжиме со полна пареа, уште побрзо напред”, рече претседателот на Владата.

Премиерот Ковачевски нагласи дека и покрај сите потешкотии, Европската Унија е сѐ уште најдобрата опција.

„Сакам да потенцирам дека членството на Република Северна Македонија во ЕУ е од суштинско значење и за самата Европска Унија, посебно во новите околности на глобален план, кога овој знак на охрабрување – дека процесот на проширување е актуелен го очекува целиот регион, којшто колку и да има прогресивни раководства не е имун на глобалните предизвици. А и, во услови кога треба и мора да се осигура евроинтеграцискиот, демократски пат на државите од Западен Балкан, како придонес во европскиот мир”, истакна Ковачевски.

Претседателот на Владата на Генералната дебата во ООН потенцираше дека Северна Македонија работи на решенија и со заедништво ги решава предизвиците кои не познаваат државни граници, етнички, јазични, религиски или други разлики.