Премиерот Димитар Ковачевски оствари средба со дел од членовите на одборот на директори на организацијата „Македонија2025”, Мајк Зафировски, Васко Кроневски, Кати Ицева како и со извршната директорка Никица Мојсоска Блажевски. На средбата присуствуваа и вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска како и министерот за економија Крешник Бектеши.
Премиерот Ковачевски на состанокот истакна дека потребен е континуитет во клучни процеси кои треба да водат кон економски напредок, достапни наменски фондови, обука и едукација за реализација на проекти за успешна дигитална трансформација.
На средбата се дискутираше и за стратешкиот дијалог меѓу САД и Северна Македонија, кој ќе се одржи на 2 јуни во Вашингтон на кој ќе бидат опфатени теми од билатералните односи, но и оние кои се од значаен глобален интерес. Во фокусот ќе бидат прашања од областа на одбраната и економската соработка, трговијата и инвестициите, но ќе се опфатат и прашањата од доменот на образованието, транспортот, енергетиката, климатските промени, демократскиот развој, борбата против корупција, владеењето на правото.
На состанокот беше дискутирано и за Платформата за просперитетна иднина и седумте приоритети кои се опфатени во истата, како вложувања во образование и зајакнување на човековиот капитал, иновации, инвестиции, подобрување на деловниот амбиент, демократија, борба со корупцијата и грижа за животната средина како и дигитализацијата на процесите.
Премиерот Ковачевски на средбата подвлече дека зајакнување на соработката со организацијата „Македонија2025″, со македонската деловна заедница надвор од земјата е од голема важност во привлекување нови инвестиции, трансфер на искуства како и примена на нови трендови кои можe да ја поттикнат домашната економија.
Беше заклучено дека само со заедничко делување на општествените чинители, како и со поддршка на стратешките партнери можеме да постигнеме повисоки стапки на економски раст.