December 9, 2022 12:41
Македонија

Ковачевски: ВМРО ДПМНЕ е против сите стратешки одлуки на земјата

ВМРО-ДПМНЕ е против сите стратешки одлуки кои што земјата ги има донесено од своето осамостојување до денес, вели во интервју за Националната телевизија (МТВ) претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.
„ВМРО-ДПМНЕ е против сите стратешки одлуки кои што земјата ги има донесено од своето осамостојување до денес. Значи ако се навратиме на зачленувањето во НАТО, Преспанскиот договор, ако се навратиме на склучувањето на Договорот за добрососедство, на преговарачката рамка секогаш ВМРО-ДПМНЕ е против. Меѓутоа не гласаа против, тие секогаш ја напуштаат Собраниската сала. Секогаш после тоа се затскриваат зад граѓаните со барање на одредени иницијативи, референдуми итн.„ рече Ковачевски.
Дури 17 години чекавме почеток на преговори со ЕУ а цели 11 години ВМРО-ДПМНЕ беше власт.
„Ако се навратиме назад ние ќе видиме дека 17 години сме чекале за отпочнување на преговорите со ЕУ. Меѓутоа во тие 17 години, 11 години на власт беше ВМРО-ДПМНЕ. Проблемот е што ВМРО-ДПМНЕ и политиката која што ја водеше тоа раководство, а која што политика е пресликана во ова раководство. Јас не повлекувам знак на еднаквост помеѓу раководство на политичка партија и целото членство. Тоа е политика на дисконтинуитет на државата. Значи вие ако ја погледнете политиката која што ја водел претседателот Глигоров, која што ја водел премиерот Кљусев, која што ја водел претседателот Црвенковски, премиерот Георгиевски, претседателот Трајковски и ако ја споредите со политиката на 11те години на Груевски и на Иванов тогаш ќе видите јасна разлика.” додава Ковачевски.
Претседателот Ковачевски во интервјуто јасно посочува на политиките на интеграција и добрососедски односи и носењето на лидерски одлуки од една страна и деструктивните 11 годишни политики на ВМРО-ДПМНЕ и правење се да не се случи членство во НАТО и ЕУ.
„Првите беа политики на интеграција, политики на добро соседски односи, политики на напредување на Северна Македонија, односно на Република Македонија во тоа време, во евроатланските интеграции и во НАТО интеграциите. Политиката од 11 години на ВМРО-ДПМНЕ беше декларативно за зачленување во НАТО и ЕУ и правење се тоа да не се случи.” наведува премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за Националната телевизија (МТВ).