December 9, 2022 22:57
Македонија

Ковачевски: Владата има многу јасен план за справување со енергетската криза

Владата има многу јасен план за справување со енергетската криза, а тоа е ставање во функција на сите енергетски капацитети – оспособување на Блок 3 во РЕК Битола, ставање во функција на ТЕЦ Осломеј, а од утрово во функција е ставен првиот котел на ТЕЦ Неготино, изјави денеска во Скопје премиерот Димитар Ковачевски.

Првиот котел на ТЕЦ Неготино, Ковачевски посочи дека веќе произведува електрична енергија со моќност од 60 мегавати, а до крајот на денот треба да се искачи до 85 мегавати, додека тимови на експерти, веќе работат на пуштање и на вториот котел.

Ковачевски, исто така, рече дека се работи постојано и се разговара со сите земји за најсоодветно снабдување со енергија, меѓу кои Србија, Бугарија и Турција.

–  Со Србија имаме разговори кои веќе ги водиме. Со Бугарија имаме разговори, но таму е малку посложена ситуацијата, бидејќи во моментов нема парламент, а нивното законодавство е прилично ограничено во однос на продавање вишоци на електрична енергија со директни договори и тоа мора да го прават преку берза. Со Турција, исто така, сметам дека сме на добар пат да обезбедиме пат за енергија, изјави Ковачевски.

За финансирањето на сето ова, тој рече дека веќе е обезбедена финансиска конструкција со билатерални кредитори, а во скоро време очекува да завршат и преговорите со Меѓународниот монетарен фонд – ММФ, но оти се разговара и со некои финансиски побогати држави од Блискиот Исток.

– Во оваа работа нема политика и дневно политички поени и апелирам до пратениците од опозицијата, што побрзо и без никакви уцени, да се одобри кредитот од ЕБОР за ликвидни финансиски средства за ЕСМ, рече Ковачевски.

Во однос на Скопје, премиерот рече дека има два дела – затоплување на градот од нов оператор, за што ЕСМ веќе има добиено лиценци и второ, обезбедување гас за работа на ТЕ-ТО.

–  Тоа се разговара на повеќе нивоа и со повеќе држави, со оглед на енормно високите цени на природниот гас, заради војната во Украина. Штом ќе бидат договорени и изнајдени најсоодветните извори на снабдување на гас, ќе бидат информирани и граѓаните, изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по настанот за презентација на Проектот за поврзување на локалните патишта.

Во однос на цените на останатите енергенси, Ковачевски, рече дека високите цени на дизелот се должат на тоа што тој е воено гориво и затоа неговата цена расте.

–  Во светло на сите овие претпоставки Владата ги носи потребните одлуки и ги води преговорите. Вчера до доцна попладне имавме Економски совет на Владата, на кој што се донесоа одредени одлуки, кои ќе бидат предмет на разговор на Влада, изјави Ковачевски.

За доверителските односи меѓу ЕСМ, БЕГ или друг провајдер на услуги, Ковачевски изрази уверување дека ќе бидат решени согласно со Законот за трговски друштва и облигациски односи.

–  Тоа што ни е обврска и одговорност, тоа го правиме и секојдневно. Денеска имам телефонски разговори од рано сабајле со премиери и претседатели на други држави, се со цел да можеме да најдеме најсоодветно снабдување со енергенси, изјави Ковачевски, посочувајќи дека од својот прв работен ден како премиер, заедно со Владата и сега работат за непречено снабдување со топлинска енергија на Градот Скопје и тоа по цени кои се соодветни за граѓаните.