February 3, 2023 21:52
Македонија

Ковачевски: Борбата против корупцијата е високо на мојата агенда

Основна работа при борбата со корупцијата е непреченото и независното функционирање на институциите. Број два, е интегритетот и професионалноста на оние кои ги водат институциите и, број три, политичка волја на тие кои учествуваат во работата на институциите за борбата против корупцијата да биде на највисоко ниво. Кога зборуваме за борба против корупција, јас не мислам само на корупција на високо ниво, туку на корупција на сите нивоа во општеството. Значи, од најнискиот шалтер во општеството во некоја локална самоуправа до највисоки нивоа на корупција, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, на прес-конференција во Владата. 

Ковачевски посочи дека тие прашања се адресирани во Програмата на Владата и во работата на институциите што се дел од Владата и во законските решенија што се поднесени, изгласани, а дел блокирани во Собранието, како и дека борбата против корупцијата е високо на неговата агенда. 

Одговарајќи на новинарско прашање за негативните коментари на претставниците на меѓународната заедница за корупција во земјата, премиерот рече дека и тој исто така многу јасно рекол дека после решавањето на најкрупните прашања во политичкиот дел – зачленувањето во НАТО, склучувањето на договорите со соседните држави, отпочнувањето на преговорите, најкрупен проблем којшто останува да биде решен во наредниот период е борбата со корупцијата и унапредувањето на владеењето на правото.

Според него, надлежност на Владата е да обезбеди независно функционирање на сите истражни, обвинителски и судски органи во државата. 

-Тоа се постигнува преку прво, обезбедување на независен буџет којшто секоја година се проектира и во услови на криза буџетот којшто се однесува на независните обвинителски и судски истанци во државата е предвиден согласно со нивните потреби. Второ, преку изработка на закони со коишто се уредува таа област, а коишто закони целосно се усогласуваат со законите на ЕУ. Тие закони се подготвени, усогласени со ЕУ, дел од нив се веќе донесени во Собранието, дел од нив се блокирани во Собранието заради блокадата која што ја прави опозицијата, меѓутоа се надевам дека и во тој дел ќе бидат изгласани и тие закони. Трето, многу важно – тоа е неселективната борба против корупцијата, рече Ковачевски.

Во изминатите 10 месеци, посочи тој, мене не можевте да ме видите некого да бранам доколку се испоставеше дека има одредени сомнежи за некој функционер кој е во надлежност на Владата, туку напротив секогаш ги повикував сите институции што се задолжени да испитаат одреден случај така и да постапуваат.

-Имаше дури и случаи кога одредени раководители коишто се во надлежност на Владата или поднесуваа оставки или беа сменети од позицијата се со цел да нема никаков субјективизам во работата на кој било орган во однос на одредени конкретни случаи, рече Ковачевски.

Корупцијата, како што кажа, е борба на целото општество, на сите нивоа на власта, бидејќи власта во државата е поделена – имаме извршна, законодавна, локална, судска власт и секој мора да го даде својот придонес кон врвно владеење на правото и врвна борба против корупцијата.  

-Доколку ги погледнеме извештаите на меѓународните институции Северна Македонија има напредок. Тоа се гледа преку сите извештаи коишто се достапни, коишто ги прават меѓународни институции. Тој напредок е евидентен, од владеењето на демократијата во државата, транспарентноста на институциите, додаде Ковачевски, потсетувајќи дека Владата е оценета со стопроценти транспарентност во однос на она што треба да информира.

Побара сите институции да го следат тој пример и сите да бидат фокусирани, „бидејќи еден од најголемите проблеми на секое општество, а пред се на економии во развој како што е нашата и општества коишто претендираат да станат дел од ЕУ е владеењето на правото”.

-Доколку сметаат одредени истанци во државата, тука пред се мислам на независноста и судска и обвинителска власт итн. дека треба да се унапреди одредено законско решение тогаш Владата нормално е на располагање да ги изготви тие законски решенија. Секако дека Собранието е местото каде што тоа ќе се дискутира, соодветните комисии на Собранието. Доколку е потребен одреден стручен мониторинг за унапредување на работата исто така Владата стои на располагање, да побара ако треба и странска помош, експертска помош која што би била донесена и физички тука да присуствува во државата сето тоа е на располагање и јас сум стопроцентно на располагање за таква работа, рече Ковачевски. 

Како поранешен вицепремиер задолжен за борба против корупцијата зборуваше и Љупчо Николовски, кој сега е министер за земјоделство. Николовски посочи на многу активности што ги спровела Владата додека тој бил на таа функција, како и дека земјата се подобрила во однос на скалилата за корупција.