August 12, 2022 01:59
Свет

Климатски активисти го блокираа влезот на ММФ во Париз

По повод Г7, еколошки активисти се мобилизираа да ги осудат еколошките последици од одлуките донесени од економските власти. Така, тие со рацете залепени за вратите, го блокираа влезот во зградата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Париз за да „бараат откажување на долгот на земјите од југот”. „Г7 е одговорен, ММФ е виновен, ајде да го укинеме долгот за планета погодна за живеење”, пишуваше на транспарент поставен пред нив, јави дописникот на МИА.

Неколку десетици активисти од Extinction Rebellion, Youth for Climate или 350/org ја зедоа за цел оваа зграда на ММФ во глобалната кампања наречена „Долг за климата” организирана по повод самитот на Г7 во Германија за да побараат укинување на долгот на најсиромашните земји, за да можат да се справат со климатската криза. Некои активисти ги залепија рацете на стаклените врати на влезот од зградата, додека други, седнати на земја напред, се врзаа со синџири еден за друг, со рацете во долги цевки, за да биде потешко да се откачат.

„Мораме да им дадеме на овие земји средства да се борат со климатската криза, тие се првите жртви и последните одговорни”, изјави за француските медиуми „Шалу”, активистка од Бунтот за изумирање, додека нејзините другари фрлаа лажни пари со назнака „Стоп за фосилните горива” (Стоп фосилни горива). „Должничката криза првенствено е резултат на неправеден финансиски систем во кој доминираат најбогатите земји. Г7, ММФ и Светска банка имаат историски одговорности во развојот на овој маѓепсан круг на долгови / прекумерна експлоатација на ресурсите”, се вели во соопштението за печатот Extinction Rebellion, Attac-France и Youth for Climate France кои ја организираа акцијата во Париз.

„Признавањето на еколошки долг од најбогатите земји е фундаментално барање. Овој еколошки долг доаѓа од одговорноста на најбогатите земји во климатските промени: тие се оние кои се првенствено одговорни за уништувањето на биолошката разновидност и грабежот на ресурсите во земјите кои се најмалку одговорни и најмногу погодени од сегашните и идните еколошки кризи. “, додаваат тие.