November 26, 2022 14:23
Свет

Клеверли: Потребно е повеќе од ветувања за Украина да не остане без струја, зборовите не се доволни

 Британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли денеска изјави дека ќе биде потребно повеќе од ветувања за да се осигура дека Украина нема да остане без струја оваа зима.
„Зборовите не се доволни. Зборовите нема да ги запалат светлата оваа зима. Зборовите нема да бранат од руски ракети. Велика Британија само не зборува за Украина, ние даваме конкретна поддршка за одбраната на Украина”, напиша Клеверли на Твитер.

Тој притоа се заблагодари на украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба за пречекот што му го приредил во Киев.

За време на својата прва посета на Украина откако беше назначен за министер за надворешни работи, Клеверли презентираше пакет поддршка што вклучува пари за реконструкција на училишта, амбулантни возила, жртви на сексуално насилство и продажба на жито на најсиромашните пазари во светот, како што се Судан и Јемен, објави „Гардијан”.

„Нашата поддршка ќе трае онолку колку што е потребно за да закрепне оваа извонредна земја”, рече Клеверли пред посетата.

Тој истакна дека најголемиот дел од средствата за инфраструктура ќе одат во новоослободените области на југот на Украина, како што е Херсон.