June 26, 2022 07:13
Магазин

Кинеските цензори го сменија крајот на филмскиот класик Fight Club, фановите огорчени

Дури и големите холивудски ѕвезди како Бред Пит и Едвард Нортон не им одговараат на кинеските цензори, имајќи предвид дека филмските фанови неодамна открија дека класикот Fight Club („Клуб на борци“) има различен, помалку насилен крај во верзиите објавени во Кина.

Филмот на Дејвид Финчер од 1999 година завршува со протагонистот кој си пука низ образот, убивајќи го својот опасен терористички алтер-его Тајлер. Тогаш се појавува неговата девојка и тие заедно гледаат серија експлозии, со згради во далечина што се рушат до земја.

На „Тенсент видео“, кинеска страница за видео стриминг во сопственост на Tencent, филмот завршува со протагонистот како си пука во уста. Потоа се појавува англиски текст кој вели: „Со траги што ги даде Тајлер, полицијата брзо го разоткрива целиот план и ги приведува сите криминалци, успешно спречувајќи го Тајлеровиот план за масовно уништување“.

Верзијата на „Тенсент“ е 12 минути пократка од оригиналната, со пет минути отсечени од клучната завршна сцена.

Новиот крај предизвика жестока дискусија на филмскиот и културниот форум Douban, каде еден коментатор налутено рече дека јавноста е навикната да гледа цензурирани филмови, но да се измисли сосема поинаков крај „е премногу“.

„Тенсент“ одби да коментира на оваа тема.

Цензурата на сцените кои се сметаат за „насилни“ или „порнографски“ во Кина е рутинска практика. Еден филмски продуцент изјави за „Саут Чајна морнинг пост“ дека видео-платформите вообичаено испраќаат телевизиски, интернет емисии и анимации до локалните бироа на Националната управа за радио и телевизија – највисок надзорник за медиуми – со цел да добие повратни информации.