February 3, 2023 20:08
Свет

Кина: Со триминутно молчење оддадена почит на покојниот поранешен претседател Џианг Цемин 

Утрово во Кина се огласија сирените, а потоа со триминутно молчење беше оддадена почит на починатиот кинески претседател Џианг Цемин.

Претседателот Си Џинпинг говореше на комеморацијата од Народната палата во Пекинг, која беше емитувана во живо на телевизија.

Џианг Цемин „ги посвети својот живот и енергија на кинескиот народ, борбата за национална независност, ослободување на народот, националниот просперитет и среќата на народот”, изјави Си пред насобраните, меѓу кои и вдовицата на Џианг Цемин, Ванг Џипинг, во предниот ред.

Кремирањето се одржа вчера во Пекинг, во присуство на Си Џинпинг и други официјални лица, јави Синхуа.

На денот на жалост, полицијата се погрижи да се избегнат големите собири по бранот демонстрации против здравствените ограничувања.

Поранешниот кинески претседател Џианг Цемин почина на 97-годишна возраст на 30 ноември во Шангај. Тој беше претседател на Кина од 1993 до 2003 година. Џианг дојде на чело на поделената Комунистичка партија по демонстрациите на Тјенанмен во 1989 година.

За време на неговото владеење беа спроведени историски економски реформи, Велика Британија го врати Хонг Конг на Кина во 1997 година, а земјата влезе во Светската трговска организација во 2001 година.