February 3, 2023 11:22
Свет

Кина се надева дека Советот за безбедност на ОН ќе го поддржи мултилатерализмот

Кинеската влада се надева дека членките на Советот за безбедност на ОН ќе ја потврдат нивната посветеност на мултилатерализам и светски поредок базиран на меѓународно право, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, на брифинг со новинарите, пренесува „Чајна дејли“.

„Се надеваме дека сите учесници ќе ја искористат оваа средба како можност да ја потврдат својата посветеност на мултилатерализмот и целите и принципите на Повелбата на ОН, да го зајакнат меѓународниот систем во кој ОН ја играат клучната улога и да поддржат светски поредок и регионален мир и безбедност засновани на меѓународното право “, рече Ванг.

Тој истакна дека пандемијата останува голем предизвик за целиот свет, што предизвика голема рецесија во светската економија. Портпаролот исто така истакна дека климатските промени и проблемите со безбедноста на храната се влошуваат.

„Во меѓувреме, политиката на создавање блокови ги поткопува авторитетот и ефективноста на мултилатералните институции“, рече Ванг.

Советот за безбедност на ОН денеска ќе одржи видео конференција во Њујорк под наслов „Поддржување на мултилатерализмот и меѓународните односи“ на која Кина ќе ја претставува министерот за надворешни работи Ванг Ји.