December 6, 2022 21:06
Свет

Кина: САД испраќаат многу погрешни и опасни сигнали

Кина ги обвинува Соединетите Држави дека испраќаат „многу погрешни и опасни сигнали“ до Тајван, откако американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека одржувањето на мирот и стабилноста во Тајван е од витално значење, пренесуваат медиумите во регионот.

Прашањето за Тајван беше во фокусот на 90-минутниот „директен и искрен“ разговор меѓу министрите за надворешни работи на САД и Кина, Ентони Блинкен и Ванг Ји, на маргините на седницата на Генералното собрание на ОН во Њујорк, изјавил висок американски функционер.

„Од наша страна, државниот секретар многу јасно рече, и во согласност со нашата долгогодишна политика кога станува збор за Кина, која не е променета, дека одржувањето на мирот и стабилноста преку теснецот е од апсолутна и витална важност“, рекол функционерот.

Од друга страна, кинеското Министерство за надворешни работи во соопштението од средбата соопштило дека САД испраќаат „многу погрешни, опасни сигнали“ за Тајван и колку повеќе активности кои ја промовираат независноста на Тајван, толку е помала веројатноста за мирно решение.

„Прашањето за Тајван е внатрешно кинеско прашање, а САД немаат право да се мешаат со кој метод ќе се реши тоа прашање“, според соопштението на министерството во кое биле пренесени зборовите на министерот Ванг.

Тензиите околу Тајван се зголемија по посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси. Од таа посета, следеа големи кинески воени вежби, а американскиот претседател Џо Бајден вети дека ќе ја брани демократската администрација на Тајван, пишува во новинарските извештаи.

Кина го смета Тајван за една од своите провинции, додека тајванската влада силно се противи на кинескиот суверенитет и тврди дека само 23 милиони жители на островот можат сами да одлучуваат за својата иднина.