February 2, 2023 02:15
Свет

Каспаров: Секој Русин кој живее во Русија е дел од воената машина на Путин

Поранешен светски шампион во шах и жесток критичар на рускиот претседател Владимир Путин, Гари Каспаров во интервју за германскиот магазин Шпигел изјави дека „секој Русин, кој моментално живее во Русија е дел од воената машина на Путин”, додавајќи дека „сите оние кои сакаат да бидат на вистинската страна на историјата треба да ја напушти земјата”.

Каспаров истакна дека поминал 20 години борејќи се со Путин.

– Отсекогаш сум велел дека неговиот режим нужно ќе стане фашистичка закана и тоа не само за Русија и нејзините соседи, туку и за целиот свет. Би било убаво ако повеќе луѓе го сфатеа ериозно тоа предупредување, посочи Каспаров.

На прашањето на Шпигел дали поради фактот што живее во странство (Каспаров е во политички егзил од 2013 година), тој е во единствена позиција да поставува такви барања кон оние кои сè уште не ја напуштиле Русија, Каспаров одговори: „Ова е војна. Или сте на едната или на другата страна. Секој граѓанин на Русија, вклучително и јас, сноси колективна одговорност за оваа војна, дури и ако не сноси лична одговорност”.

Според него Русите кои бараат азил прво треба да потпишат декларација која содржи три точки: дека војната е криминална, дека режимот на Путин е нелегитимен и дека Украина е неделива.

– Со потпишување на таква декларација, секој Русин би бил предмет на кривично гонење во Русија според законите донесени од Путин, додаде Каспаров.

Поранешниот шампион во шах посочи дека „Путин никогаш не играл шах, туку покер и бил добар во геополитички покер”.

Тој често играше со лоши карти и победуваше затоа што неговите противници веруваа во неговите блефови, наведе Каспаров.