November 26, 2022 13:22
Скопје

Карпош ќе отвори „Канцеларија за дијаспора“ за брзо решавање на проблемите на иселениците

Општина Карпош ќе отвори канцеларија за дијаспора преку која иселениците од оваа општина ќе можат побрзо да ги решаваат нивните проблеми не само во општината, туку и секаде во администрацијата. Ова денеска беше договорено меѓу градоначалникот Стевчо Јакимовски и министерот за дијаспора Џемаил Чупи.

Со договорот потпишан од страна на градоначалникот Јакимовски и министерот Чупи предвидено е општинската канцеларија за соработка со дијаспората да има посредничка улога и истата би служела како центар во кој на иселениците од Општина Карпош ќе им се овозможи пристап до потребни информации и дополнителни насоки по основ на нивните права за соодветните постапки пред надлежните институции.

„Посебно задоволство ми е што денеска ми е гостин министерот за дијаспора и што го потпишавме овој договор со кој се обврзуваме како локална самоуправа да назначиме посебно лице односно да имаме своја канцеларија со комплетна техничка опременост која што ќе комуницира со нашата дијаспора односно со сите граѓани од Општина Карпош кои што живеат надвор од Република Македонија во смисла на решавање на нивни проблеми, не само во општината, туку и секаде во администрацијата. На таков начин сакаме да им олесниме комуникацијата со земјата матица, но во исто време кога ќе доаѓаат овде на одмор или да не посетат во Македонија, да не ги губат деновите по нашите административни лавиринти, туку напротив, се што имаат потреба во најголем дел да биде завршено или да бидат точно упатени каде треба да ја завршат, за да имаат повеќе време да се видат со своите роднини, со своите пријатели. Посебно ми е задоволство што можеме да дадеме свој придонес во оваа одлична идеја што ја има министерот за дијаспора“, нагласи градоначалникот Стевчо Јакимовски.

„Овие функционални канцеларии се осмислени да имаат посредничка улога. Како прво поврзување на централната со локалната власт и невладините организации се со цел да се излезе во пресрет на нашата дијаспора. Потоа е предвидена помош за забрзување на постапки при спорни предмети и прашања од нашата дијаспора и на крај во соработка со министерството за информатичко општество и администрација вработениот определен од Општина Карпош ќе има тесна соработка со вработениот од ова министерство каде што ќе се олесни постапката за електронски услуги на веб страната на владата uslugi.gov.mk каде што имаме повеќе од 80 електронски услуги. Нашата дијаспора за време на престојот во татковината ќе има можност да добие асистенција за истите. Првично ќе биде центар или канцеларија за информирање и насока на нашата дијаспора, потоа ќе биде канцеларија каде што спорните предмети од нашинците кои доаѓаат од Општина Карпош ќе им се забрзува постапката и ќе добијат адекватни одговори од државните институции, а на крај ќе имаат асистенција при пополнување на електронските услуги. Во оваа прилика сакам да му се заблагодарам на градоначалникот на Општина Карпош што ја прифати оваа многу важна иницијатива за нашинците во дијаспората“, истакна министерот Чупи.

Канцеларијата за соработка со дијаспората ќе има повеќе надлежности и одговорности, меѓу кои:

Да ја информира дијаспората за сите нивни права и обврски за време на нивниот престој во матичната држава.

Да создава можности за полесен пристап до административните услуги на дијаспората за време на нивниот престој во матичната држава.

Да помага при изготвување база на податоци за бизнис дијаспората за развој на соработката со бизнис заедницата во Македонија, односно за привлекување на странски инвеститори.

Да иницира соработка на локални организации со организации од дијаспората.

Да се поттикне „дијспора туризам“ преку промотивни активности во туризмот.

Да информира, односно да ја промовира наставата по мајчин јазик за децата во дијаспората како претпоставка за зачувување на културниот и јазичниот идентитет.

Да води евиденција за бројот на дипломирани студенти од локалната дијаспора.