October 25, 2020 06:14
Скопје

Карпош вежба на отворено

Општина Карпош, се приклучува на иницијативата за одбележување на Националниот фитнес ден – 24.09.2020 година. Во соработка со  граѓанското здружението „ТАКТ“ во изминатиот период организираа серија активности за промоција на спортот и физичкото здравје на локално ниво. Националниот фитнес ден има цел да ја подигне јавната свест кај младите, повозрасните, и воопшто кај сите граѓани за зголемена и континуирана физичка активност.

Денеска се потсетуваме и на потребата од квалитетна и сеопфатна инфраструктура за вежбање и спортски активности. Во период на светска пандемија од Ковид – 19, кога затворените спортски сали и објекти се користат под ригидни протоколи, потребно е да излеземе надвор!

Во оваа насока, Општина Карпош минатата недела го отвори и Спортско – рекреативниот центар во Карпош 3, во рамки на училишниот двор на „Лазо Трповски“. На овој јавен простор беше организиран и фитнес час, од страна на фитнес инструкторот на „ТАКТ“, Надица Јовановиќ и извршната директорка на оваа организација, Магдалена Спасовска.

Локалната самоуправа, изминатиот период работеше на креирање на повеќе вакви зони. Достапна за сите граѓани е фитнес зоната во Карпош 4, која се направи во соработка со Агенцијата за млади и спорт. Една од попосетените зони е и Баланс + фитнес зоната долж Кејот на Вардар. Веќе повеќе години, граѓаните се рекреираат и во фитнес делот во Козле (долж булеварот „М.Т.Гологанов“).

Ги повикуваме сите граѓани на зголемена физичка активност на отворено. Независно од ковид кризата, фитнесот, вежбањето е добро за нашето здравје, психичка подготвеност и полесно совладување на различните животни предизвици.