Култура

Карановиќ: Духовната генетика на овој простор e инспирација за филмските ликови

По две години од претходното гостување на Скопскиот филмски фестивал, познатата српска актерка Мирјана Карановиќ повторно дојде за отворање на неговото 22 издание. Овојпат за премиерата на филмот „Втора шанса” на режисерката Марија Џиџева, во кој игра улога (Ангелина) на една од трите жени – секоја  затворена во сопствениот лавиринт и соочена со лични одлуки.

Во речиси четириесетгодишната кариера – од првиот филм „Венецот на Петрија”, Карановиќ има учествувано во повеќе од 80 филмови, а два во кои таа игра главна улога се наградени со „Златна палма” во Кан („Татко на службен пат”) и „Златна мечка” во Берлин („Грбавица”).

Актерката и активистка Карановиќ во интервју за МИА кажува како е да се соработува со режисери  дебитанти, каде ја наоѓа инспирацијата за градење на своите ликови, кои се нејзините идни планови како режисер по дебито пред три години, за предностите и слабостите да се сними филм денес…

Во „Втора шанса” играте потисната, безгласна жена, а и неретко креирате психолошки ликови на жени во драматични околности – самохрана мајка – жртва на војна во „Грбавица”, сопруга што си го жртвува брачниот живот заради вистината во „Добра жена” или суицидна жена во емотивна криза во „Реквием за госпоѓа Ј” …  Предизвик ли Ви се токму такви комплексни карактери и колку на тоа влијае статусот на жената на овие простори?

-Такви ликови има и во други делови од светот. Не дека ние сме ексклузивни и дека балканската жена е нешто посебно. Но ова се филмови што се прават овде и јас играм жени од овие простори. Сум играла и на други јазици, на пример на германски („Das Fräulen”  н. з.), но, сепак, играв жена која од Балканот заминала во Швајцарија. А ликовите се комплексни во онаа мерка во која сакаш да бидат комплексни и, второ, мене и не ме повикале за улоги кои не се комплексни. Инспирацијата за тие ликови е од мојата баба, од мојата мајка и од сите жени овде, на некој начин од сето она што е духовна генетика на овој простор. Ние сега имаме граници, различна клима и географија, но луѓето слично живеат и размислуваат.

Но кога ќе отидете во Австрија, Германија или, да речеме, во Холандија, веќе гледате поинакво воспитување, поинакви резони и скала на вредности за тоа што е важно и кои се целите. И во тоа е разликата.

Се сеќавам кога во Холандија водев една работилница за насилството на филм. Групата беше мешана – имаше студенти од сите наши сегашни држави и од Холандија. Почнав со филмот „Буре барут” на Горан Паскаљевиќ според текстот на Дејан Дуковски. Сите студенти од Балканот се кикотеа на разни сцени, а Холанѓаните беа вџасени и гледаа ужасно сериозно. И потоа, кога разговаравме, рекоа дека тоа е страшно. Јас ги прашав – добро, сега јасно ли ви е зошто изби конфликтот, јасна ли ви е таа фрустрација и како е возможно некој што ти е тука и близок одеднаш да стане агресивен и насилен. Рекоа не го разбираат тоа. Ги прашав – но ако некој постојано ве малтретира, угнетува и пцуе, дали ќе го истурите  тоа врз некого?  Рекоа – не, ние сме воспитани доколку некој ти вика и те навредува, победник си ако се свртиш и си заминеш.

Тогаш сфатив колку е голема разликата во воспитувањето. Овде ако некој вика на тебе, те навредува или се чувствуваш загрозен, ние напаѓаме. Тоа е агресија и значи дека воопшто немаш самопочит. И тие поминале низ период на ужасна агресија во својата историја, но го промениле воспитувањето и вреднувањето. Кај нив е позитивно ако некој се сврти и си замине, а кај нас е позитивно ако возвратиш. Мора да вратиш, инаку се чувствуваш како последен човек на светот, како да си ништо. По тоа е ова една посебна територија. Во согласност со тоа, и жените се обидувале да се приспособат во таквиот свет. Затоа што тие не се силни, не можат да возвратат со агресија, но мора да преживеат.

Филмот „Добра жена” од 2016-та, во кој го игравте главниот лик,  беше Вашето режисерско деби. Дали планирате повторно да режирате филм?

– Да, сега подготвувам нов филм. Мислам дека пролетва ќе снимам. Го доработувам сценариото кое го пишував заедно со Огнен Свиличиќ и Маја Пелевиќ. Филмот се вика „Мајка Мара” и раскажува за сосема поинаква жена од оние што претходно го работев – за една успешна, деловна жена. Има син, тој се убива и целиот филм е едно преиспитување на себеси и на својот живот.

Го носите епитетот „ѕвезда на југословенскиот филм”, сте глумеле во филмови со престижни награди, но прифаќате и проекти на режисери дебитанти. Таква е и оваа соработка со Марија Џиџева, како и претходно, на пример, со Јасмила Жбаниќ и со Бојан Вулетиќ. Што учите Вие од младите автори, а што им пренесувате ним од својата богата кариера?

(Карановиќ и Џиџева на премиерата на „Втора шанса” на отворањето на 22. СФФ)

– Па право да кажам, постарите веќе не снимаат, не можат да се изборат – ни за средства, ниту да се пробијат. Режисерите во Србија од онаа генерација со кои јас почнав, повеќе не снимаат филмови зашто немаат простор. И, секако, работиш со почетници и затоа што единствено младите луѓе имаат енергија, издржливост да влезат во сето тоа и да го истуркаат. Секогаш некако ќе го истуркаат првиот филм на мускули. Но секогаш е тоа прв филм, ретко е втор филм, и тоа е проблем.

Технологијата промени многу нешта – денес се снима поинаку, многу побрзо, нема пари толку и многу се ограничени можностите, а од друга страна тоа е добро затоа што се промени и  структурата на екипите за разлика од некогаш. Но што се однесува до креативноста, тука нема промени.

Имате ли ангажмани во театар и што ги советувате идните млади актери, со оглед на Вашиот професионален багаж, а и како професорка по глума?

Секако, не би можела без театарските улоги, зашто филмови и нема многу и не може да се живее само од филм. Веќе не сум професорка по глума, завршив со таа кариера.

Што се однесува до советите, нема еден совет, туку за секоја фаза од животот. Најважно е секој да се следи себеси, да го следиш она што го сакаш и мора многу да се работи. Да нема откажување.

Вие сте и активистка за човекови права и против разни облици на дискриминација. Како го коментирате она што се случува во Србија, саботните протести?

Немам никаков коментар и не ме интересираат тие протести. Не учествувам во нив, само ги следам преку медиумите.

Нови вести

„Скопје лајт арт дистрикт“ од 29 мај до 1 јуни

Igor

Басара и Попов ги примија наградите „Прозарт“

Igor

Венко Андоновски на Саемот на книгата во Санкт Петербург

Igor