Осудените во случајот „Империја“, Орце Камчев и Ненад Јосифовиќ, пред издржување на едногодишната затворска казна ги смениле адресите на живеење од Скопје во Охрид и сега ќе добијат нов упатен акт во установа, според местото на живеење.
„До Основниот кривичен суд Скопје на 05.05.2022 година од бранителите на Ј.К. и Н.Ј., осудените со пресудите врз основа на предлог спогодба во наведениот предмет, доставено е известување за промена на адресата на живеење и тоа од адреси во Скопје на адреси во Охрид. Судот ги изврши сите неопходни увиди за да ја потврди доставената информација, а по констатирање дека осудените лица во текот на постапката извршиле промена на адресата, Кривичниот суд, согласно член 7 став 2 од Законот за извршување санкции, според кој надлежен суд за извршување на санкцијата е судот според местото на живеење, денеска го достави предметот на понатамошно надлежно постапување на Основниот суд во Охрид, соопштија од Основниот кривичен суд во Скопје.
Помалите казни до три години затвор во охридскиот регион се издржуваат во Струга кој е КПД од отворен вид, додека охридскиот затвор е малолетнички затвор и притворски за лица од тој регион.
Инаку, Кривичниот суд веќе им издаде упатен акт на Камчев и Јосифовиќ од први јуни да почнат да ја издржуваат затворската казна во Шутка односно во затворот Скопје. Тогаш од адвокатскиот тим на Камчев тврдеа дека не е точна информацијата за издадениот упатен налог за во Шутка. Ден по поканата за во Шутка, адвокатите известиле дека Камчев и Јосифовиќ не се веќе жители на главниот град.