January 14, 2021 19:27
Македонија

Калфин и Ноев: Политичката храброст и разбирањето се клуч за членство на Македонија во ЕУ

Брзањето отсекогаш било лош советник во политика, исто како и потценувањето на проблемите и одложувањето на нивното решавање, оценуваат поранешните бугарски министри за надворешни работи и за одбрана, Ивајло Калфин и Бојко Ноев во текст во Оффњуз.бг посветен на односите меѓу Скопје и Софија.

– Повеќеслојните проблеми не можат да се решат без политичко лидерство. Бугарија и Република Северна Македонија дојдоа до важна крстосница во нивната комуникација и нивната иднина зависи од насоката во која ќе тргнат. Клучот за нашите земји да живеат заедно во Европа е политичката храброст и цврстите гаранции дека она што не подели, нема да се повтори, сметаат двајцата поиранешни министри.

Според нив, односите меѓу двете земји се „длабоко под влијание на заедничката историја и тешко е да се ослободат од противречностите, кои, како по правило, се воведуваат и разгоруваат од надворешни фактори”.

– Емоциите, неоправданите очекувања и меѓусебните разочарувања честопати надвладуваа над здравиот разум и објективните интереси на граѓаните на двете земји. Кандидатурата на РСМ за почеток на преговорите за членство во ЕУ се соочи со нерешените билатерални прашања. Како членка на ЕУ, Бугарија има обврска да не дозволи такви прашања да бидат на агендата, како во преговорите за членство, така и при идното заедничко опстојување на двете земји во рамките на Унијата. Затоа, Бугарија мора истовремено да гарантира и исполнување на таа обврска, но и на нејзиниот стратешки интерес за пристапување на земјите од Западен Балкан и особено на РСМ во ЕУ, оценуваат Калфин и Ноев.

Според нив, Бугарија има историска одговорност и интерес да биде мотор на проширувањето на Европската унија со земјите од Западен Балкан, па затоа што е можно поскоро треба да почнат преговорите за членство со Република Северна Македонија и Албанија.

– Владите во Софија и Скопје треба да бидат активни, да работат според јасен план и да најдат убедлив начин за трајно решавање на проблемите меѓу двете земји во текот на следните месеци. За да бидат на нивото на одговорност кон минатото, сегашноста и особено кон идните генерации, двете земји мора еднаш и засекогаш да постигнат цврсти договори, кои нема да подлежат на каприците на политиката и политичката констелација. Довербата мора да се зајакне со јасни договорени гаранции, додаваат авторите на текстот.

Тие ги повикуваат властите во Софија и Скопје да започнат активен дијалог на највисоко ниво и да преземат заедничка обврска дека во текот на следните месеци официјално ќе ги известат останатите држави на ЕУ дека земјава е подготвена да започне преговори за членство.

– Заложбите на германското претседателство со Советот на ЕУ за успешно продолжување на процесот на проширување заслужуваат највисоко признание. Тие се одлична основа за постигнување договор за почеток на преговорите за членство со Република Северна Македонија уште во првата половина на 2021 година, заклучуваат Ивајло Калфин и Бојко Ноев во зедничкиот текст.