December 1, 2022 17:17
Скопје

Како ќе функционира Град Скопје? Арсовска испокарана и со власт и со опозиција, претпријатија без директори, Совет без компас

Поминаа две недели откако во јавноста се појави скандалот со спорниот тендер вреден 136 милиони евра наменети за пречистителна станица во Скопје.

Токму тој тендер и меѓусебните обвинувања на релација Арсовска – ВМРО-ДПМНЕ за тоа чии раце биле „фатени во медот“, беше причината Арсовска да ја прекине соработката со опозициската партија.

Кавгата со ВМРО-ДПМНЕ ги подгреа претпоставките, дека е можно Арсовска да претрча во СДСМ или пак тајно да соработува.

ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше за некакви тајни средби на Арсовска со високи функционери од СДСМ, но од Бихаќка демантираа, а претседателот на оваа партија и премиер на државата, Димитар Ковачевски вчера во телевизиско интервју не ја поштеди Арсовска од силни критики за нејзиното (не)работење.

Со тоа станува јасно дека Арсовска во моментов е раскарана и со владејачката СДСМ и со опозициската ВМРО-ДПМНЕ, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ги бојкотираат нејзините настани и увиди, а нема добри односи ниту со единствениот градоначалник од ГРОМ, Стевчо Јакимовски.

Во меѓувреме по оставките на директорите од ВМРО-ДПМНЕ, дел од јавните претпријатија и установи не можат да функционираат нормално затоа што на директорските позиции се уште нема поставено нови раководни лица.

И сето ова ќе се одрази и на работата на Советот каде ВМРО-ДПМНЕ со своите коалициски партнери има мнозинство и го отвора прашањето како Советот ќе функционира?

Ќе биде интересно да се види како ќе постапуваат советниците од ВМРО-ДПМНЕ и мнозинството, но и опозицијата по предлозите на Арсовска, но и дали и таа ќе е впушти во процес на создавање ново мнозинство во Советот.

Нефункционалноста на Советот доведе до предвремени избори за советници во Тетово. Сега засега таква опасност за Град Скопје нема, но може многу брзо да дојде особено ако Советот се најде во ситуација да не може да изгласа Буџет или завршна сметка.