March 27, 2019 02:27
Свет

Истражување: Социјалните мрежи предизвикуваат депресија кај тинејџерките

Тинејџерките имаат двојно поголема шанса да добијат симптоми на депресија поврзани со користење на социјалните мрежи отколку момчињата, поради онлајн злоставувања, нарушување на спиењето, како и незадоволство од своето тело и паѓање на самодовербата, покажуваат резултатите од едно истражување во Велика Британија.

Во истражувањето, кое анализира податоци на речиси 11.000 млади луѓе во Велика Британија, истражувачите заклучиле дека 14-годишни девојчиња се почести корисници на социјалните мрежи, меѓу кои две петини од нив социјалните мрежи ги користат повеќе од три часа на ден, а тоа го прават една петина од момчињата.

Според студијата, 12 отсто од умерените корисници на социјалните мрежи и 38 отсто од тие кои ги користат подолго (повеќе од пет часа на ден), покажуваат сериозни знаци на депресија.

Кога станува збор за процесите кои можат да бидат поврзани со користење на социјалните мрежи и депресијата, истражувачите откриле дека 40 отсто од девојчињата и 25 отсто од момчињата имале искуство со онлајн злоставување.

Нарушување на спиењето се појавува кај 40 отсто од девојчињата, додека кај момчињата е 28 отсто. Анксиозноста и лошото спиење се поврзани со депресијата.

Исто така, девојчињата се изложени на поголем ризик кога станува збор за користењето социјални мрежи и загриженоста за изгледот на своето тело, како и самодовербата, но во овој случај разликата помеѓу девојчињата и момчињата е помала.

Ивон Кели, професорка на лондонскиот Институт за епидемиологија и здравствена нега, која е една од главните истражувачи, ги повика родителите и политичарите да посветат поголемо внимание на резултатите од истражувањето.

– Овие резултати се многу релевантни за развој на насоките кои се однесуваат на сигурно користење на социјалните мрежи и ја повикуваат таа индустрија порешително да ги регулира часовите за користење на социјалните мрежи кај младите луѓе, изјави Кели.

Таа додаде дека и семејствата треба да размислат за ограничување на користењето мобилни телефони.

Истражувањето, финансирано од Советот за економски и социјални истражувања на Обединетото Кралство (ЕСРЦ), е објавено во списанието „EClinicalMedicine”.

Нови вести

Девет медицински сестри кои работат во иста болница ќе се породат во исто време

Filip

Пентагон одобри милијарда долари за ѕид на границата со Мексико

Filip

Хамас го прифати планот за прекин на огнот со Израел

Filip