April 15, 2021 10:17
Македонија

Истражување: Младите Македонци и Грци веруваат во заедничка соработка и иднина

Младите од Грција ретко патувале во Северна Македонија (37%), додека младите од Северна Македонија редовно и значително повеќе патувале во Грција (83.6%) – ова го покажа истражувањето за перцепциите на младите луѓе во 2020 година кое беше спроведено од Младинскиот Сојуз, а презентирано на дводневната конференција која се одржува во Скопје во рамките на иницијативата за основање на канцеларии за младинска соработка помеѓу Северна Македонија и Грција.

Од друга страна, младите од двете земји веруваат дека има простор ова да се промени. 86% од младите во Грција сакаат да патуваат во нашата земја, додека речиси идентичен број или 88% од младите Македонци како своја омилена дестинација за патување ја избираат соседна Грција.

„Главните причини за досегашните патувања на младите биле туризмот или сезонска работа што е секако позитивно, но резултира и со недоволно информации и можности за меѓусебно запознавање и иницирање на соработка. Младите од двете соседни земји веруваат дека токму тие и граѓанскиот сектор се одговорни да креираат подобри можности за меѓусебно запознавање. Тоа ме охрабрува дека ваквите заклучоци од Истражувањето дополнително ќе ги мотивираат надлежните институции од двете земји поинтензивно да соработуваат, а со цел креирање на подобри услови за работа и поврзување на младите што е од интерес на сите“, истакна Методија Стојчески, извршен директор на Младински сојуз  – Крушево.

Над 80 учесници на оваа Конференција, претежно млади од двете земји, експерти, претставници на медиумите, невладиниот сектор и академската фела, втор ден дебатираат за предизвиците на билатералната соработка меѓу младите во двете земји во различни области.

На младите треба да им се даде глас да создадат подобри механизми за меѓусебна соработка и да се запознаваат едни со други преку различни начини и активности е заклучокот од дводневната конференција. Сите учесници се согласни дека договорот од Преспа бил важен чекор за нормализирање на односите меѓу двете земји и позитивен чекор напред во однос на институционалната соработка. Врз основа на ова, и владите на земјите треба да го вложат своето политичко влијание за да создадат директен механизам за конкретни младински активности меѓу двете земји.

„За време на Конференцијата веќе креираме и предлог документ со политики и активности кој во себе содржи конкретни чекори. Овој документ ќе им го испратиме на министерствата за надворешни работи на двете земји, а очекуваме да биде основа за заедничка декларација и продлабочување на билатерална соработка меѓу двете земји во делот на младинската политика. Впрочем, младинската соработка јасно произлегува и од Акцискиот план за спроведување на Преспанскиот договор на кој се обврзаа владите на двете земја“, посочи Стојчески.

Конференцијата претставува финален дел од првата фаза на спроведување на иницијативата за основање на канцеларии за младинска соработка помеѓу Северна Македонија и Грција од страна на Младински Сојуз – Крушево. Проектот е поддржан од амбасадите на Германија и САД и има за цел основање на повеќе билатерални младински канцеларии во нашите две соседни земји кои треба да придонесат кон подобрување на врските меѓу младите, јакнење на меѓусебното разбирање и промоција, поттикнување и овозможување на средби и размена на искуства од двете страни во духот на пријателство и градење доверба.

Иницијативата за основање на канцеларии за младинска соработка помеѓу Северна Македонија и Грција се базира на пренесување на добрите практики од процесите на помирување во западноевропските земји, првенствено меѓу Германија и Франција, односно Германија и Полска, како и мултилатералните искуства на младинската соработка од земјите од Балтикот и регионалната канцеларија за младинска соработка во земјите на Западниот Балкан (RYCO).

Во рамки на овој проект за една година веќе се постигнаа и конкретни резултати: отворени се првите две младински канцеларии со локации во Солун и Валандово, а веќе над 500 луѓе се вклучени во различни програми за размена на знаења и искуства. Исто така, во рамки на истражување за перцепциите на младите луѓе, преку интервјуа, анкета и фокус групи беа вклучени над 700 млади од двете земји на возраст меѓу 18 и 35 години.

Инаку, Младинскиот Сојуз, во партнерство со повеќе организации над 10 години работи на проекти за поттикнување соработка со младински организации и активисти од С. Македонија и Грција. За дополнителни информации, Ве молиме контактирајте нè на 078/305-251 или на [email protected] (контакт лице: Билјана Стојческа)