February 3, 2023 20:12
Македонија

Истрага за пропустите при носењето на одлуката за државјанството на Онишченко

Се спроведува истрага за да се констатираат пропустите при носењето на одлуката за давање државјанство на Олесандр Онишченко, изјави денеска портпаролот на Владата Мухамед Хоџа.

-Како што веќе нагласив, Владата на својата последна седница која се одржа вчера донесе одлука за поништување на одлуката за прием на Онишченко во државјанство на РСМ и истовремено го задолжи МВР да постапи веднаш. Оттука дополнително сакаме да истакнеме дека во рамките на институциите се врши проверка односно истрага за да се констатираат пропустите при носење на таа одлука. Сакаме да нагласиме дека очекуваме во најкус можен рок истрагата да биде завршена и јавноста ќе биде благовремено информирана, рече Хоџа на прес-конференција на Владата.

Владата на вчерашната седница одлучи веднаш да се поништи македонското државјанство на Онишченко, кој е на црната листа на САД и се бара со потерница во Украина.