February 21, 2020 05:21
Хроника

Истрагата за исчезнувањето на Аслани во погрешна насока

Ако син ми некому нешто должел тој би сакал да си го наплати долгот, а не да му наштети на Аслан, вели неговиот татко Бекир Аслан, една година по исчезнувањето на скопјанецот.

Според него, полицијата цело време следи погрешна трага за наводен долг кој Аслан го имал на Косово, наместо да се насочи во друг правец. Тој е револтиран што случајот се уште го води Одделот за потраги, а не за насилен криминал, оти нема индиции дека неговиот син намерно би исчезнал или би си го одзeл животот.

-Сега се сомневам на сите. Ние како семејство сме имале проблеми, но одамна беше тоа. После тоа имаше затишје и не можам да насочам кон никој во овој случај.  Имаше шпекулации за наводни долгови на Аслан во Косово, јас тие не можам да ги потврдам. Екипата од потраги со тоа се занимаваше цело време и не можеа ништо да откријат. Со тоа манипулираа постојано и се држеа во тој контекст. Ако имало долг кон некој тој би сакал да си го наплати долгот. Јас немам никакви сознанија за такво нешто, вели Бекир.

Тој последен пат се видел со синот во 21.03 минути на 23 јануари 2019 година во неговиот стан, бидејќи живеат во иста зграда.

-Аслан излегол од дома во 22.40 минути и од тој момент ни трага ни глас. По два дена тргна потрагата и од тоа излезе само една видео снимка и ништо друго. Погрешно е насочена истрагата. Син ми не бил малоумен или душевно болен за да трагаат по него. Затоа барам друг полициски оддел да го преземе случајот оти син ми некој со сила го зел или му наштетил. Мора да се открие или е жив, или е мртов, вели Бекир, кој најави одржување на протести.