August 8, 2022 19:22
Свет

Исламска држава: Го нападнавме храмот во Кабул, тоа е одговор на навредата кон Мухамед

Џихадистичката група т.н Исламската држава (ИД) ја презеде одговорноста за нападот врз храмот на Сиките во авганистанската престолнина Кабул, кој заврши вчера со смрт на две лица, а ранети се седум.

Локалниот огранок на ИД преку својот пропаганден канал Амак објави дека нападот во саботата бил одговор на навредата кон Мухамед. Веројатно станува збор за изјавата на портпаролот на индиската влада за односот меѓу Мухамед и неговата најмлада сопруга Ајша, која ја осудија многу муслимански земји во светот.

Нападот се случи откако индиска делегација го посети Кабул за да разговара за хуманитарната помош за Авганистан со талибанската влада и можноста за повторно отворање на амбасадата на Индија во Кабул.

Њу Делхи одржуваше добри односи со претходната авганистанска влада и ја затвори амбасадата минатата година кога Талибанците ја презедоа власта на 15 август.

Талибанците велат дека Авганистан е безбеден откако ја презедоа власта во август минатата година, но меѓународните претставници и аналитичари велат дека се уште постои висок ризик од повторно појавување на воени конфликти.

Милитантната терористичка група Исламска држава ја презеде одговорноста за некои од нападите во изминатите неколку месеци.

ИД објави дека еден бомбаш-самоубиец го нападнал храмот во саботата наутро вооружен со митралез и рачни гранати, откако убил чувар. ИД додава дека неговите други тројца борци им се спротивставиле на талибанските борци кои се обиделе да интервенираат за да го заштитат храмот.