October 28, 2020 18:32
Свет

Иран ги отфрли шпекулациите за убиство на американски амбасадор

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саид Катибзадех, ги отфрли обвинувањата дека Техеран размислува за извршување атентат како одмазда за убиството на иранскиот генерал Касем Солејмани на почетокот на годинава, пренесува „Спутник“.

Тврдењата ги изнесе „Политико“, кој се повикува на неименувани американски извори, кој пишува дека целта може да биде американската амбасадорка во Јужна Африка.

„Ги советуваме американските власти да престанат да прибегнуваат кон банални и истрошени методи за антииранска пропаганда на меѓународната сцена“, рече Катибзадех.

Тој ги опиша обвинувањата како дел од контраразузнавачката кампања на администрацијата на Трамп против Иран, критикувајќи го извештајот на „Политико“ како  текст по нарачка, пристрасен и наменски.

Катибзадех нагласи дека е предвидливо Вашингтон „да прибегне кон антиирански обвинувања и фалсификување пред претседателските избори во САД, заедно со притисоците на американскиот режим да ги злоупотреби механизмите на Советот за безбедност на ОН за засилен притисок врз народот на Иран .

Тој посочи дека ваквото фабрикување вести ќе продолжи и во иднина, но несомнено нема да и одведе никаде, завршувајќи на долгата листа на континуирани порази на Вашингтон пред Иран.

Катибзадех ја нарече својата земја одговорна членка на меѓународната заедница која ја докажала својата постојана посветеност на меѓународните дипломатски принципи и норми.

„Спротивно на тоа, САД и актуелниот режим во Белата куќа ги игнорираат основните дипломатски принципи и станаа лажен режим на меѓународната арена, организирајќи и спроведувајќи десетици заговори за атентат, повлекувајќи се од многу меѓународни договори, кршејќи го територијалниот интегритет на нациите и организирајќи го кукавичкти атентат врз генералот Касем Солејмани, чесниот командант на борбата против тероризмот “, подвлече портпаролот.

Тој вети дека Иран ќе продолжи со меѓународно правно дејствие на сите нивоа во врска со криминалното убиство на генералот Солејмани и дека ниту ќе го прости ниту ќе го заборави терористичкиот чин.

Во меѓувреме, изворите на „Политико“ велат дека не знаеле зошто американската амбасадорка во Јужна Африка, Лана Маркс, е сметана за цел од Техеран бидејќи таа има „малку, ако воопшто ги има, познати врски со Иран“. Беше сугерирано дека Маркс ќе биде полесна мета од другите американски дипломати.