February 3, 2023 20:25
Свет

Иран воведе нови санкции против ЕУ и Велика Британија

Иран денеска соопшти дека воведува нови санкции против 25 поединци и субјекти во Европската Унија и девет во Велика Британија како одговор на санкциите што овие две земји ги воведоа кон Иран во понеделникот.

Техеран, според соопштението на Министерството за надворешни работи, посочува дека овие физички и правни лица „поддржуваат тероризам и терористички групи… и поттикнуваат насилство врз иранскиот народ” и „шират лажни вести за Иран”.

Иран вчера предупреди дека ќе возврати на новите санкции наметнати од Брисел и Лондон, кои реагираа на насилното задушување на протестите кои избија поради смртта на Махса Амини, која почина во притвор поради кршење на строгиот кодекс на облекување во земјата.

ЕУ додаде 37 ирански поединци или ентитети на списокот со санкции поради кршење на човековите права. Британците на својата листа додадоа пет физички и две правни лица.

На новата листа на ирански санкции има осум Французи, меѓу кои социјалистичката градоначалничка на Париз Ан Идалго, филозофот Бернар-Анри Леви и поранешниот пратеник Жилбер Митеран, син на поранешниот претседател Франсоа Митеран.

На удар се и тројца функционери на весникот „Шарл Ебдо”, кој како правен субјект е на претходната листа на ирански санкции. Сатиричниот весник предизвика бес во Техеран на почетокот на јануари, објавувајќи карикатури на врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи.

Меѓу правните субјекти кои се санкционирани се Радио Ј со седиште во Франција и групата Европски пријатели на Израел (ЕФИ).

На списокот се и имињата на шестмина европратеници, двајца поранешни пратеници во Европскиот парламент, како и шведско-данскиот екстремен десничар Расмус Палудан, кој во саботата запали копија од Куранот во Шведска, што предизвика жестоки протести во Анкара. и неколку престолнини во муслиманскиот свет.