November 26, 2022 12:43
Свет

Ирак ќе распореди граничари на границата со Иран и со Турција

Федералната Влада на Ирак вчера соопшти дека заедно со Владата на Ирачки Курдистан и вооружените сили на автономниот регион ќе изготви план за распоредување на ирачки граничари на границата со Иран и со Турција.

Плановите за распоредување на ирачки граничари првенствено се насочени кон Иран, чии сили изминатите денови бомбардираа цели на иранските курдски опозициски организации со седиште во северниот дел  на Ирак.

Претходно, Техеран побара од Багдад да преземе мерки за безбедноста на заедничката граница.

Во моментов, пограничните области на Ирачки Курдистан се контролирани од вооружените сили на автономниот регион, кои сепак се подредени на Министерството за одбрана во Багдад.