September 26, 2020 17:19
Спорт

Интер прв полуфиналист во ЛЕ, Баер немоќен на „домашен“ терен

Интер е првиот учесник во полуфиналето од Лигата на Европа, откако славеше во дуелот со Баер Леверкузен (2-1) кој се одигра во Дизелдорф на стадионот „Меркур Шпил Арена“.

Сите мечеви од завршницата се играат во Германија, на неутрален терен. Ромелу Лукаку, кој одигра одличен меч и успеа да погоди на деветти дуел по ред во натпреварувањето, што е апсолутен рекорд.

Интер почна да притиска уште од самиот старт, а тоа донесе погодок во 15. минута. Лукаку се загради во казнениот простор и испрати шут, а откако истиот беше изблокиран од еден од дефанзивците, на топката налета Барела и со шут по земја го совлада Храдецки.

Само пет минути подоцна, Лукаку се запиша во листата на стрелците. Лукаку повторно покажа дека е моќен во шеснаесетникот, се загради и го исфрли чуварот од игра, а погоди во пад за 2-0.

Леверкузен не чекаше долго, па по еден пробив на Хаверц од десната страна, намали на 2-1. Во следната акција Интер доби пенал, но судијата Дел Черо од Шпанија со помош на ВАР-технологијата реши дека нема игра со рака, туку дека се работи за рамо. По паузата продолжи активноста и на двете екипи, но затаи реализацијата.

Кога сите чекаа крај, Кристијан Ериксен беше фаулиран во шеснаесетникот, овој пат, судијата покажа на белата точка, но повторно по консултација со ВАР ја поништи казната затоа што овој пат Барела играл со рака пред да се случи прекршокот.

Интер ќе бие битка за финалето со победникот од натпреварот меѓу Шахтјор Доњецк и Базел.