Македонија

Интервју Зоран Заев: Не доликува на земја членка на НАТО на 100 дена пред секои избори да има Влада која продуцира поделби, наместо решенија

Горд сум за успехот на нашата татковина, на нашиот народ. По две години од потпишувањето на Договорот од Преспа денес живееме во нормална, демократска, слободна држава, партнер на регинот и светот. Од заробена држава, држава скарана со соседите и поделена внатре, денес сме светол пример во регионот, држава членка на НАТО, држава која наскоро започнува преговори за членство во ЕУ- вели во интерву за 24 инфо претседателот на СДСМ Зоран Заев. За работата на МВР за време на Техничката Влада вели дека е лоша и на штета на државата и граѓаните. Според Заев здравствените медицински работници даваат се од себе да се справат со коронавирусот, а од Наќе Чулев видел само следење на партиски инструкции. За гласањето на 15 јули ветува дека ќе биде безбедно за сите граѓани и сериозно се размислува исто да се одвива во надворешни услови. 

-Македонското знаме гордо се вее среде Брисел со најсилните демократски земји.

Презедовме одговорност пред граѓаните и државата и успеавме.  Успеавме не само да го решиме отвореното прашање кое ја загрозуваше иднината на нашата држава, не само да обезбедиме членство во НАТО и преговори со ЕУ, успеавме да го зачуваме нашиот, македонски идентитет. Македонците и македонскиот јазик се впишани во картата на светските народи и јазици и тоа е потврдено, никој повеќе не го оспорува тоа. Избравме иднина, наместо минато, сугурност наместо неизвесност, интеграција наместо изолација во која не втурна бесмислената политика на режимското владеење во кое растеа, созреваа но за жал и заминуваа многу генерации наши сограѓани. Денес, решавањето на спорот со Грција е пример за решавање на отворените прашања во интерес на двете страни. Денес, Република Северна Македонија е држава која дава шанси на сите, држава која ги остави поделбите зад себе и чекори храбро кон евроинтеграциите. Секому му е јасно дека без Договорот од Преспа, тоа немаше да биде можно.

 

ДУИ и Ахмети со јасен став за следниот мандатар, одат со идејата дека Северна Македонија по следните избори треба да има Албанец Премиер. Што ќе значи ова дека доколку дојде до евентуална победа на изборите и коалиција меѓу двете партии?

За мене тоа е неискрено и на некој начин нечесно кон граѓаните и го гледам како предизборен трик. Кој ќе биде премиер, ќе одлучат единствено граѓаните на денот на изборите, тие го даваат мандатот и легитимитетот за формирање на ново парламентарно мнозинство и тоа нема никаква врска со етничката припадност. Тоа го знаат сите, тоа го знаат и во ДУИ и затоа овој нивен предлог не е ништо друго освен национал-популистички предизборен потег. Со таквиот пристап, јасно е дека ДУИ ќе губи гласови. Во една прилика реков дека ако вака продолжи ДУИ на крај ќе заврши во опозицијата. Граѓаните знаат дека токму јас и СДСМ сме предводници на концептот едно општество за сите. Ние не ги делиме луѓето, ако имаме кандидат Албанец за било која функција, ќе го предложиме. Во Владата има министер Албанец од СДСМ, имаме потпретседател на партијата, градоначлници, советници, директори, пратеници, сите од СДСМ, имаме фукционери и од другите етнички заедници, ја предводиме првата мултиетничка предизборна коалиција. Нашиот концепт “едно општество за сите” го победува моноетницизмот и злоупотребата на етничките гласови за гола власт. Предизборната коалиција со БЕСА потврдува дека ние застапуваме реален и остварлив концепт на граѓанско општество со мене, како кандидат за премиер, кој е препознаен и масовно подржан и од нашите сограѓани Албанци. Тоа ќе го потврдат и изборните резултати.

Македонија се судрува со вториот пик на ковид 19. Избори на 15 јули ќе има. Може ли да ни кажете како ќе се организираат, се размислува ли за гласање можеби и надвор пред гласачките места, и до каде се препораките од Комисијата за заразни болести?

Државата, институциите се подготвени да организираат целосно безбеден изборен ден и изборна кампања. Веќе е договорено дека изборите ќе бидат на ден среда, 15 јули, а вторник и четврток 13 и 14 јули да биде изборен молк но и денови во кои ќе гласаат болните и изнемоштени, како и лицата заболени од коронавирус, лицата кои се во изолација и самоизолација и сето тоа ќе биде регулирано со измените на Изборниот законик. Во однос на гласањето надвор, пред гласачките места, тоа е предлог за кој сериозно се размислуваше, но сепак треба да имаме предвид дека станува збор за гласање во неконтролирани услови, особено од апсект на временските услови. Сепак, продолжениот рок за гласање, како и протоколите од Комисијата за заразни болести овозможуваат гласањето и внатре во гласачките места да биде целосно безбедно како за гласачите, така и за избирачките одбори и набљудувачите. Главен приоритет на СДСМ се граѓаните и нивната благосостојба. Во овие услови на глобална пандемија на коронавирусот и борбата со опасниот и непредвидлив непријател, целосно се прилагодуваме на новите услови. Почитувањето на Протоколите и на мерките за заштита се најважни за нас.  Затоа, кампањата на СДСМ ќе биде без митинзи. Големите собири и сите потенцијално ризични настани, ќе бидат заменети со нови алтернативни начини на кампања. Веќе соопштивме, до граѓаните ќе се обраќаме на повеќе начини со онлајн дигитални активности, преку медиумите, преку видеа и графички пораки на социјални медиуми, спотови, веб банери и слично.

Другата група на активности кои што ги планираме се офлајн и опфаќаат, печатени програми и летоци, информативни штандови, билборди, прес конференции, како и средби со граѓаните со ограничен број на публика од 50 граѓани на отворен простор и 30 во затворен простор. Почитувајќи ги протоколите секако, секој присутен да носи маска, да одржуваат дистанца од 2 метри, со средства за дезинфекција а бројот на присутни да биде под строга контрола и во ограничен број, како што споменав. СДСМ е гарант за заштита на здравјето на граѓаните и ние тоа ќе го покажеме и во оваа кампања. Со доследно почитување на мерките за заштита заедно со граѓаните ќе бидеме дел од решението. Заедно и обединети ќе ја надминеме здравствената криза, ќе го победиме коронавирусот и после големата победа на 15 јули ќе обезбедиме европска и просперитетна иднина.  Затоа што знаеме како, затоа што можеме.

 Каква е вашата оценка на работењето на МВР, актуелниот министер Наќе Чулев и неговото справување со предизвиците кои ги донесе короната?

Кратко ќе кажам: лоша и на штета на државата и граѓаните. За жал додека сите институции, особено здравствените медицински работници даваат се од себе да се справат со коронавирусот, од Наќе Чулев видовме само следење партиски инструкции и дејствување против здравјето на граѓаните, злоупотребата на полицијата за партиски цели на ВМРО-ДПМНЕ и ништо друго. Чулев има сериозна одговорност за состојбата со коронавирусот во која се наоѓаме денеска. Неговото неодговорно, несериозно и незрело однесување на штета на здравјето и безбедноста на граѓаните, додека тераше партиски агенди, потсети на времињата од режимот, кога МВР беше претвроно во МВРО-ВМРО. Не се само кафаните и теретаните, зборуваме за цел сет на бројни настани во кои не се почитуваа мерките за заштита или се злоупотребуваа институциите. Полни им беа устите со здравје а покажаа дека се лош пример кој никој не треба да го следи, напротив. Впрочем, несериозното и неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ кое трае со години нанзад се покажа и за време на оваа глобална здравствена криза. Сега на 15 јуни, доаѓа казната, граѓаните ќе кажат што мислат за оваа незрелост, и за оваа неодоговрност на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

Ако победи вашата партија ќе станете Премиер во многу тешки економски услови. Короната остави длбоки бразди во економијата. Што ќе направите прво со новата Влада по евентуалната победа за нејзино постепено враќање во нормала?

СДСМ е фаворит на изборите и очекувам убедлива победа на изборите. Пред се поради одговорните, државнички политики во изминатите 3 години, но и заради успешното справување со предизвиците кои ги предизвика глобалната пандемија на ковид 19 од здравствен и економски аспект. Навремените мерки и чекори што Владта предводена од СДСМ ги презеде, обезбедија амортизирање на првичните удари врз економијата. Сето она што досега како Влада во трите години мандат го презедовме како и трите пакаети економски мерки придонесоа последиците врз економијата да бидат најмали во споредба со регионот, а процеот на заздравување да биде што пократок. Тоа е тврдење и на сериозни меѓународни финансиски институции, меѓу кои и Светска банка, која потврди дека нашата земја е меѓу оние од регионот кои најдобро се справуваат со последиците од економската криза. Ние градиме нова македонска екононија.  По изборите секако дека не очекуваат економски предизвици, но ние имаме план. Нашата програма е подготвена, во неа се опфатени решенија и мерки за брза трансформација на нашата економија. Покажавме дека можеме од економија во минус, да создадеме стабилна, развојна економија со повиоски плати, со пониска невработеност. Преку брза трансформација ќе покажеме дека може да изградиме нова, развојна македонска економија која ќе дава шанса за сите, која брзо ќе ги постигне претходните стапки на економски раст.

Постојано сме сведоци на лажни вести. Како планирaте со новата Влада да се справите со нив?

Вистината и официјалните факти и податоци се најдобриот лек за лажните вести и дезинформациите. Во тој правец, принципите на транспарентност и отченост кои ги постави Владата предводена од СДСМ ќе продолжат уште позасилено и во новиот мандат. Голема улога тука има и медиумската писменост на која во новата програма и даваме сериозна важност преку воведување на медиумска писменост во образовниот процес со цел новите генерации кои се најподложни на лажни вести, да моѓат да направат разлика меѓу вистинска и лажна вест. Главен носител на лажните вести кај нас е ВМРО-ДПМНЕ, во отсуство на конкретни проекти, програма или понуда за граѓаните на оваа партија не и останува ништо друго освен да шири невистини. Но, граѓаните тоа ќе го препознаваат и не им веруваат.

 

Што велат анализите за рејтингот на СДСМ и за вашиот лично?

Граѓаните ги ценат политичарите според она што го работат. Знаат кој е на нивна страна, кој им служи, кој ги решава нивните проблеми и кој води сметка за државата. Нема да биде нескромно ако кажам тоа е СДСМ. Покажавме во изминатите години со конкретен резултат. Во јавноста постојано излегуваат истражувања на јавното мислење од кредибилни институции и агенции кои потврдуваат дека СДСМ и јас лично имаме највисок рејтинг во државата. Тоа не е изнендадување ако се знае што се направивме во тригодишниот мандат, како се справуваме со сите последици од коронавирусот и што имаме од другата страна, од страна на опозицијата. Додека ние се посветивме на државните интереси, на интересите на граѓаните и нивното здравје, од страна на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ гледавме и се уште гледаме само лажни вести, деструкција, неодговорно, незрело, несериозно однесување на штета на државата, на штета на граѓаните и нивните интереси. Тоа граѓаните го гледаат и го ценат а доказ за тоа се истражувањата на јавното мислење. Очекувам убедлива победа на изборите на 15 јули за уште еден, чист мандат со кој уште повеќе и уште подобро ќе допринесеме за напредокот на нашата земја и благосостојбата на сите наши граѓаните. Можеме.

Задоволен ли сте од работењето на техничката Влада, неопходни ли беа вонредните состојби и што очекувате од дирекните инекции преку „купувај домашно“ ?

Да не заборавиме дека техничката Влада имаше мандат само да организира избори, но ете, поради околностите со коронаворусот моравме да делуваме во вонредни околности. Можам да кажам дека сум задоволен, одговорно се работеше, во интерес на граѓаните. Низ сите овие месеци сведоци бевме на доста опструкции во работење на преодната влада, од страна на членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Сметам дека треба сериозно да се размисли дали во иднина има потреба од влада во ваков формат,, особено што не доликува на земја членка на НАТО и преговоарач со ЕУ на 100 дена пред секои избори да има Влада која продуцира поделби, наместо решенија. Можеби е време да се размислува и изнајде поинакво решение за органзиирање на фер, слободни и демократски избори.

Во однос на домашните платежни картички очекувам тие да ја остварат својата цел – да ја зголемат куповната моќ, да ја зајакнат приватната потрошувачка и преку вбризгување на 28 милиони евра за домашни услуги и производи сериозно да и помогнат на нашата македонска економија.

Порака до граѓаните за следниот период кој следи лична, економска и политичка?

Пред нас е период на сериозни предизвици, кој од нас бара максимална одговорност и посветеност. Да продолжиме да го штитиме нашето здравје и здравјето на нашите најблиски така што ќе ги почитуваме мерките и задолженијата од институциите. Да продолжиме да ја подржуваме нашата македонска економија, да купуваме домашни прозиводи, своите одмори да ги поминеме дома, во нашата татковина. На тој начин ќе им помогнеме на другите, но ќе си помогнеме и на себе.

А на денот на гласање, на 15 јули секој со целосно почитување на протоколите да си го оствари своето право на глас и да гласа слободно по сопствена волја. На тој начин ќе обезбедиме целосно легитимни и фунцкионални институции кои ќе бидат подготвени да се справат со последиците од коронавирусот, но и ќе го продолжат евроинтегративниот процес на државата. За само 3 години направивме пресврт на подобро, ја извадивме земјата на прав пат. Ги насочивме парите кај граѓаните, ги намаливме трошоците, се посветивме на раст на сите плати и пензии. Македонската економска политика е успешна, препознаена и потврдена преку сите економски параметри, а стапката на невработеност ја донесовме на историски минимум. Ние знаеме дека заедно со вас, граѓаните, можеме да постигнеме уште повеќе и уште подобро. И затоа, оваа криза ја видовме како нова можност. Можност за брза трансформација на нашата економија, зголемена конкурентност, а со тоа и повеќе работни места за сите граѓани.  Можеме! Уште повеќе и уште подобро!

(В.А.)

 

Поврзани вести

Регистрирани 115 нови случаи на КОВИД-19 и седум починати

Filip

Николовски: ДУИ треба да замине во опозиција, тоа е добро и за неа и за државата

Valentina

Не е далеку времето на обединување на турските партии и заеднички настап на следните избори

Valentina